| четврток, 6 декември 2018 |

Црвенковски е подготвен да го смени името, договорот го запира Груевски

Поранешната амбасадорка на САД во Македонија Џилиен Милованович во писмото испратено до Стејт департментот детално го опишува прошталниот разговор со тогашниот шеф на државата воден на 22 август 2008 година, еден ден по заминувањето од Скопје на специјалниот претставник на ОН Метју Нимиц

Претседателот Бранко Црвенковски е подготвен да го смени името, но пречката е премиерот Никола Груевски. Последниот предлог на посредникот Метју Нимиц (Северна Македонија) е изводлив, но часовникот отчукува. Ова е дел од сублиматот на писмото испратено од поранешната американска амбасадорка во Македонија, Џилиен Милованович до Стејт департментот пет месеци по самитот на НАТО во Букурешт, во кое дипломатката го информира Вашингтон за внатрешнополитичката состојба во Македонија. Амбасадорката во документот објавен на „Викиликс“ детално го опишува прошталниот разговор со тогашниот шеф на државата воден на 22 август 2008 година, еден ден по заминувањето од Скопје на специјалниот претставник на ОН.

– Во прошталниот телефонски разговор со амбасадорката, на тој 22 август, Црвенковски го карактеризира последниот предлог на Нимиц како „позитивен“ и како „добра основа за придвижување нанапред“. Тој реферираше дека Нимиц им презентирал нему и на премиерот Груевски работна верзија на предлогот и дека дискутирале за некои специфични опции за името. Црвенковски подвлече три главни елементи за кое било решение: името, неговата употреба и придавката, која би се користела за опишување на јазикот и на народот, се вели во писмото на Милованович.

Амбасадорката во образложението на ставовите на претседателот во однос на спорот за името вели дека Црвенковски го обвинил Груевски дека не е заинтересиран за компромис. Интересно е тоа што разговорот се случува само пет месеци по самитот на НАТО во Букурешт каде што Македонија доби вето од Грција за членство во алијансата.

– За Македонија само придавката „македонски“не е предмет на преговори. Црвенковски предлага Нимиц да утврди за кој од другите два елемента (името и опсегот на употреба) Грција е помалку приспособлива, а потоа да се поработи на компромис. Тој додава дека македонската страна не инсистира придавката да биде дел од самиот договор, туку може да биде дел од резолуција на Советот за безбедност на ОН или како негов додаток. Црвенковски се надевал дека Нимиц по консултациите во Грција на 22 август во најскоро време ќе достави поконкретен предлог. Со оглед на настаните што претстојат во 2009 година – новата американска администрација, локалните избори во Македонија и можните избори во Грција – сега е време да се постигне договор, нагласи Црвенковски. Претседателот во разговорот истакна дека е контрапродуктивна кампањата на премиерот за испраќање писма во врска со македонското малцинство во Грција и за црковниот спор со СПЦ. Навистина, рече Црвенковски, објективен сум кога велам дека Груевски не сака компромис, пишува Милованович.

tema138-2

Во овој период, по самитот во Букурешт се водеше интензивна дипломатска активност за затворање на спорот за името колку што е можно побрзо. Непосредно пред средбата со Нимиц, премиерот Груевски рече дека Грција „ќе направи сѐ за овој процес во септември да заврши со неуспех“, за што, според него, Атина ќе се обиде ја обвини Македонија.

– Грција ќе направи сѐ за овој процес во септември да не заврши успешно и виновникот да биде Република Македонија. Во дипломатските кругови е многу важно кој е виновникот, иако тоа не е пресудно – изјави Груевски на 21 август 2008 година нагласувајќи дека македонската влада сака и работи на решавање на спорот, но „не по секоја цена“.

Ставовите на Црвенковски изнесени во тајната дипломатија со Американците во кои го посочува Груевски како главен виновник за застојот во преговорите е директна потврда на тезите на Атина дека Македонија го запира договорот, но во исто време и сосема спротивни од неговите официјални ставови изнесени во соопштението на македонскиот државен врв пред посетата на Нимиц во кое се вели дека „премиерот и претседателот имаат ист став во врска со прашањето за името“. Во разговорот со Милованович, претседателот не само што директно ги поткопал државните позиции и интереси во однос на спорот за името, туку силно ги критикувал и постапките на раководството на неговата поранешна партија во однос на бојкотот на Собранието. Во писмото се нагласува дека Црвенковски го оценил како голема грешка бојкотот на парламентот, а изразил и разочарување што опозицијата не ја искористила аболицијата на Заев за да биде поактивна.

– Во однос на неговата натамошна политичка кариера, Црвенковски повтори дека нема да се кандидира за втор мандат во 2009 година. Неговата одлука била да се врати во СДСМ, но сѐ уште не бил сигурен во каков облик. (Од други извори дознав дека СДСМ ќе свика партиски конгрес кон крајот на септември на кој или ќе се избере нов претседател со четиригодишен мандат или некој ќе му го чува местото додека не му заврши претседателскиот мандат). Црвенковски изрази разочарување од последните реакции на неговата партија. Бојкотот на парламентот, според него, била голема грешка и дека дури и по неговиот настап (со одбивањето да ги потпише законите донесени по итна процедура и аболицијата на потпретседателот Зоран Заев, СДСМ и „понатаму е на одмор“. Тој бил фрустриран поради тоа што партиското раководство не одржало ниту прес-конференција, ниту издало соопштение за конкретно да ги посочи законите што сака да бидат сменети, се вели во писмото.

Во продолжението на телефонскиот разговор, Црвенковски ја критикувал и политиката на раководството на СДСМ тврдејќи дека партијата го загубила идентитетот со ненадејните пресврти во ставовите за клучните прашања.

– Во врска со парламентарните избори што се одржале во јуни 2008 година, Црвенковски тврди дека СДСМ го загубил идентитетот обидувајќи се да настапува понационалистички од Груевски и со ненадејниот пресврт во ставовите за клучните прашања како што се спорот за името и поддршката на Охридскиот рамковен договор, реферира Милованович.

Амбасадорката на крајот од писмото нагласила дека изразила разочарување од соопштението на македонското Министерство за надворешни работи од 13 август 2008 година во врска со случувањата во Грузија и нагласува дека вршела притисок врз владата на Македонија да даде посилен коментар со кој ќе се нагласи суверенитетот и интегритетот на Грузија и ќе повика на итно повлекување на руските трупи.

(Пишува: Ненад Мирчевски
Текст објавен во 138. број на неделникот „Република“, 24.04.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top