| четврток, 6 декември 2018 |

40 години од падот на Сајгон, историски трауми на Американците

_82592705_ap_051_vietnamrealwar

Тоа беше глетка што пред точно 40 години ги шокираше сите: последниот хеликоптер летна од покривот на американската амбасада во Сајгон, а луѓето во очај се фаќаа за неговото подвозје. Така цел свет го виде срамот на светската суперсила. Виетнам ја порази Америка како што Давид го порази Голијат. Тоа што се случуваше во Сајгон последните денови во април 1975 година на Американците им изгледаше нереално, а траумата остана трајна.

Виетнамската војна е пресвртница во американската историја, а 40 години потоа земјата сè уште не е целосно закрепната од поразот. Долгорочните последици ги чувствува и актуелниот претседател Барак Обама.

40 години по Виетнамската војна, споменикот Виетнам мемориал во Вашингтон, црн како ноќ и тага, остро се разликува од зелената околина. Тука се напишани имиња на 58.000 мртви американски војници, момчиња како што ги нарекуваа тогаш, бидејќи имаа едвај 20 години кога биле пратени во борба.

a5fd7df032e1480c9ffecd587ee9bf4b_18

Ричард Криси денес има 73 години, тој е виетнамски ветеран кој не може да верува како неговата генерација беше толку наивна да се вовлече во таа војна. – Бевме млади момчиња штотуку излезени од средните училишта. Мислевме дека сме високи три метри и дека сме отпорни на куршуми – рече тој. Денес знае дека бил еден од среќните додека ги пребарува имињата на своите паднати пријатели на црниот ѕид.

Виетнамската војна заврши како и што почна, без објава на почеток и крај. Дури и денес не постои исцрпно и убедливо објаснување како САД толку длабоко се заплеткаа во војната и како најсилната војска на светот ја поразија босоноги воини.

Американските функционери како поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер мораа на крај да се откажат од намерата да го поразат Северен Виетнам и Виетконг на југот. Иронично, Кисинџер кој долго веруваше дека американската војска ќе ги порази Виетнамците, подоцна ќе биде славен поради тој Париски мировен договор, документ за прекин на непријателството кој е подготвен две години пред завршувањето на војната, но имаше малку практично влијание на теренот.

Кисинџер и северновиетнамскиот политичар Ле Дук То во 1973 година добија Нобелова награда за мир за вложениот напор во преговорите околу парискиот договор. Кисинџер својата награда ја прифати, но То не. Тврдеше дека не може да земе награда за мир, додека мирот се уште го нема.

– Многу историчари сметаат дека војната беше грешка – вели професорот Филип Катон од универзитетот во Охајо. Постојат две генерални мислења кои доминираат во таа расправа, додава. Првата никна од тие кои се противеа на војната и сметаа дека во неа не може да се победи. Беше тоа војна против герила која немаше што да изгуби. Имаа волја и морал да се борат против американските освојувачи.

Тие што ја одобруваа, војната ја гледа како судир со комунизмот чие ширење требаше да се спречи, иако Катон вели дека легендарниот северновиетнамски лидер Хо Ши Мин, бил повеќе националист отколку комунист. Тврдат дека војната можеше да се добие ако американската војска беше мудро користена, со повеќе бомбардирања на Северен Виетнам и повеќе војска во соседните земји Камбоџа и Лаос.

Во секој случај, зад војната остана ерозија на американската доверба во сопствената војска, позната како Виетнамски синдром – страв и колебање од неподготвена воена интервенција во странство.

Тоа траеше до Првата заливска војна. По ослободувањето на Кувајт во 1991 година, тогашниот претседател Џорџ В. Буш рече: Благодарам на Господ, засекогаш се решивме од Виетнамскиот синдром.

Прерано се израдувал. Војните во Авганистан и Ирак го обновија Виетнамскиот синдром, етапното јакнење на ангажманот во војна која не може да се добие. Барак Обама има аверзија од воени интервенции, иако имал само 14 години кога американскиот хеликоптер бегал од покривот на парламентот во Сајгон, остана еден негов проблем во неговиот мандат.

Виетнамската војна траеше 20 години. Заврши на 30 април во 1975 година, со влезот на северновиетнамските сили во Сајгон и падот на режимот на Јужен Виетнам кој имаше американска поддршка.

Виетнам денес е обединета комунистичка земја. По обединувањето, илјадници јужновиетнамски војници пратени се во логори за превоспитување. Стотици илјади јужњаци побегнаа со мали бродчиња во други земји. Многумина своето патување го завршија во САД, Австралија и Европа.

Во војната животот го загубија над два милиона Виетнамци и над 50.000 Американци.

Поранешниот главен град на Јужен Виетнам, Сајгон се уште е најголем град во државата, но се вика Хо Ши Мин.

Хина

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top