| четврток, 6 декември 2018 |

Repetitio mater studiorum est

Последниот инцидент кај караулата на македонската гранична полиција кај Гошинце е сериозен настан кој во себе содржи најмалку десетина аспекти што мора да се имаат предвид кога се даваат оценки за него. Тие што тврдат дека се работи за нарачан инцидент од македонските власти за да се покријат т.н. бомби на Заев, немаат никаква одговорност доколку состојбата ескалира, за што искрено навиваат. Конфликтот во 2001 година покажа кому најмногу му одговара потенцијално експлозивната состојба, а кому му е најголем товар

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Историјата се повторува? Косово врие, СДСМ во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ на власт, Русија и САД пред ново редефинирање на глобалните интереси, афера „Прислушување“, државата влегува во период кога се очекува зголемен економски пораст, а најавените инвестиции треба дополнително да ја намалат невработеноста. Ако слободно може да се тврди дека ниту една македонска политичка структура не стои зад акцијата на косовските команданти кај Гошинце, тогаш лесно може да се утврди кому (не) му одговара оваа состојба.

На ВМРО-ДПМНЕ во никој случај не му се добредојдени какви било инциденти кои дополнително ќе го разнебитат безбедносниот систем, кој делумно е потресен од прислушувањето. Фактот што вооружени и униформирани лица се шетаат слободно на македонска територија е поголема бомба од сите заедно што досега ги објави Зоран Заев и во исто време поголема причина македонските граѓани да ја повлечат поддршката на актуелната влада затоа што по признавањето на Косово и демаркацијата на границата, секој нормален граѓанин би очекувал на кое било парче земја да се чувствува безбедно. ВМРО-ДПМНЕ не може да биде нарачател на косовските криминални банди затоа што со тоа директно ја урива својата инвестициска агенда.

Додека заменик-министерот за економија, Христијан Делев, во Берлин убедуваше (и убеди две од нив) големи германски компании да дојдат во специјална посета на Македонија и да видат каде можат да инвестираат, Владата „нарачувала членови на УЧК да тепаат полициски граничари“. Сценариото што го турка опозицијата не само што е смешно, туку е и несериозно затоа што последиците од неодговорниот пристап ќе ги почувствуваат сите, дури и ако повторно избегаат од воените дејствија во Ханиоти. Нема никаква логика во исто време кога целата ваша политика се базира на странски инвестиции и нови вработувања, да ја сечете гранката на која седите и да ги туркате од себе потенцијалните инвеститори, кои според српските медиуми бегаат од Србија и одат во Македонија.

Од истите причини, краткорочно (и краткоумно) гледано нападот на „командант Фљамуртари и 40 разбојници“ е одлично сценарио за СДСМ, кој сега може да ликува дека службата за државна безбедност не функционира, дека Груевски води погрешна политика со Албанците, дека полицијата не си ја врши својата работа и слично. Тешко е да се тврди дека СДСМ може да стои зад такви инциденти затоа што дури и на „Павел Шатев“ се свесни дека тајните никогаш не остануваат тајни и дека еден ден кога ќе се дознае за тоа, последиците за нив ќе бидат страшни, но факт е дека СДСМ максимално се обидува да ги искористи последиците од заземањето на полициската караула кај Гошинце. Логично е Заев, кога веќе е тргнат да ја урива власта по секоја цена, да ги искористи сите можности за тоа, вклучително и нападот на косовските криминалци. Но, Заев е свесен и дека во состојба кога земјата е под закана од радикални структури, тој нема да може да ја турка својата политичко-воајерска агенда и затоа се труди да прикаже дека се работи за сценарио на власта и ја минимизира опасноста од поголема дестабилизација. Во секој случај, колку и да е тоа мизерно, не може да се отфрли целосно дека некои залудени домашни политичари повторно ги користат своите разузнавачки капацитети и се надеваат на повторување на филмот од 2011 година кога по политичката криза со „Големото уво“ влеговме во конфликт, а потоа падна владата на ВМРО-ДПМНЕ.

kolumna138-2

Радикали наместо радикали

Историјата се повторува и кај албанскиот фактор во Македонија. Од формирањето на првата партија на македонските албанци ПДП во 1991 година постојано најсилната партија ја заменува некоја друга со многу порадикална агенда. Па, така ПДП беше заменета со ДПА на Тачи и на покојниот Џафери, кои беа радикали додека влегоа во власта. Нив ги замени ДУИ, кои од радикални милитанти се претворија во умерени социјалдемократи кои го сменија Уставот во кој Албанците станаа дел од албанскиот народ и сега на ред е нова политичка група која, веројатно, нема да се откаже од својата борба додека Македонија не стане федерација со дводомен парламент, а албанскиот јазик официјален на целата територија на земјата. Таков е континуитетот во албанскиот блок, но дали со тоа се согласува реалноста. ДУИ, сепак, е многу посериозна партија од ДПА кога таа беше на власт од 1998 до 2002 година и од 2006 до 2008 година. И без лидерот на таканареченото воено крило, поранешниот тетовски градоначалник Хазби Лика, ДУИ е сериозна партија која, преку институциите но и сама, може да им се спротивстави на косовските криминалци. Она од што сега се плаши ДУИ е поддршката што Албанците би ја дале на новата структура која стои зад напаѓачите кај Гошинце доколку МВР успее да ги неутрализира. Најголемиот проблем на ДУИ во моментов е што, и покрај учеството во власта и десетиците илјади свои членови што земаат плата од државни јасли (дел од нив не одат на работа воопшто), тие не може да им даде надеж на своите поддржувачи кога е во прашање и националниот и економскиот живот. Речиси сите точки од Охридскиот договор се исцрпени, а во економијата ДУИ е целосно пасивизирана од ВМРО-ДПМНЕ, која го има главниот збор. Практично, во ситуација кога Ахмети мора да чека од Груевски да донесе странски инвестиции во доминантните албански населени места, ДУИ го губи тлото под нозете. Веќе и за Албанците не е тајна дека пописот пропадна затоа што речиси половина од Албанците во Македонија се привремено или постојано надвор од земјата и работат во САД или во ЕУ.

Покрај незадоволството меѓу младите Албанци, кои, во отсуство на работни места, се најголеми муштерии во чајџилниците и во обложувалниците, ДУИ се соочува со масовен егзодус на своите членови во странство. Меѓу нив има општи работници, кои по германските градилишта земаат за еден месец колку за цела година во Македонија, но и образовани инженери, лекари и друг кадар кој не е задоволен со малите плати во Македонија. Во состојба кога децата во албанските села се воспитувани во духот на „победата од 2001 година“ и сонот за станување „командант во битка со словенските окупатори“ за која било радикална структура, лесно е да регрутира нови членови во своите редови. И доколку македонските безбедносни сили ги повторат грешките од 2001 година, лесно може да се случи на преговарачката маса наскоро место Ахмети, да седне некој друг командант. Во случајот на ДПА, доколку Тачи не се охрабри да почне со реформа на партија по примерот на граѓанските движења во Европа, и нему ќе му биде судено да ја доживее судбината на основачот на ПДП, Невзат Халили.

kolumna138-3

Косово како извор на (не)стабилност

Македонија, иако на граница со Косово, со години ги игнорира сите процеси кај соседот освен доколку тамошните случувања не се со последици за Македонија. Во најмладата земја во Европа веќе неколку години се чувствува апатија и колку времето минува толку гордоста и чувството на победник против Србија се намалуваат. Земјата, која во огромен дел живее од испратени пари од печалбарите, веќе не може да живее ниту на нивото од поранешна Југославија. Извештаите за десетиците илјади Косовци што со автобуси заминуваат кон Германија и другите земји-членки беа сигнал дека таму се случува нешто сериозно. Тие што се запознаени со економската состојба на Косово, каде што работа може да најде само секој седми среднист и каде што командантите од 1999-2001 година го контролираат целиот бизнис на локално и на државно ниво, можеа да претпостават дека Косово повторно може да биде извор на нестабилност за Македонија. Дури и поранешните команданти на Косово веќе немаат извори на приходи, делумно поради контролата од европските институции, но најмногу поради сиромаштијата кај населението.

Треба да се има предвид дека во последните години драматично се намалени финансиските дознаки од роднините во странство, а голем дел од печалбарите сега со себе ги земаат и сопругите и децата, и со тоа не испраќаат пари во татковината. Сличен процес се случува и во Македонија, од каде што е далеку полесно да заминете во шенген-земјите затоа што за Косово важат построги правила за миграција, освен ако немате српски пасош, што е уште еден чест апсурд во младата држава. Затоа не е тешко, кој и да стои зад напаѓачите на караулата кај Гошинце, да собере 40 луѓе што имаат желба во отсуство на подобар живот на Косово да станат „некој и нешто“ со оружје в рака во Македонија.

 

На линија на огнот

Реченицата на американскиот државен секретар, Џон Кери, кој на сослушување во американскиот Сенат рече дека Македонија, заедно со Србија, Косово и со Црна Гора, се наоѓа на линијата на огнот меѓу САД и Русија, мора да се има предвид кога се анализира Гошинце. Иако американската администрација подоцна ги ублажи зборовите на Кери, и за Стејт департментот и за американската амбасада во Скопје тие ќе бидат тежок товар во иднина без разлика како ќе се одвива состојбата. Иако здраворазумски е анализата на српскиот воен аналитичар Лазански, според која зад Гошинце стои американска наредба, да се толкува како српска мирудија во балканската манџа, Вашингтон ќе мора да биде поконкретен во осудата на косовските, албанските и на македонските радикали.  Американците ќе мора да објаснат зошто, за разлика од пред две години кога американскиот амбасадор во Тирана директно го осуди големоалбанскиот говор на тогашниот премиер Сали Бериша, се молчи за најавата на Еди Рама за обединување со Косово. Во ситуација кога Русија од петни жили се обидува да докаже дека САД не дозволуваат изградба на гасоводот „Турски тек“ преку грчка и македонска територија, САД мора да излезат и јасно да ги кажат своите стратегиски интереси во регионот. Ако тоа не се случи, ќе биде многу тешко кој било да се убеди дека зад инцидентите не стојат и други интереси освен наводните албански идеали за голема држава.

 

(Текст објавен во 138. број на неделникот Република, 24.04.2015)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top