Македонија и следната сезона во ракометната Лига на шампиони би можела да има два преставника. Како што дознава спортскиот портал Екипа, ЕХФ испратил покана за Металург, повторно да биде дел од европската елита.
Македонскиот шампион оваа година повеќе од сигурно ќе биде Вардар и тој автоматски добива учество во групната фаза од Лигата на шампионите, но ЕХФ сака да го види и Металург рамо до рамо со најдобрите. Единствена пречка е ростерот кој го има клубот од Автокоманда, па така веќе е известено раководството на клубот кој треба да достави список на играчи за следната сезона или потенцијални засилувања до 10.јуни па потоа да одлучи ЕХФ дали ќе издаде вајлд-карта.
„Металурзите“ три години по ред стигнуваа до нокаут-фазата од ЛШ, две години по ред играа во четвртфиналето, а сезонава не успеаја да ја минат групата. Финансиските проблеми си го сторија своето, сите клучни играчи во тимот си заминаа од „Автокоманда“, па во следните месец и половина на потег ќе бидат челниците на клубот, кои ќе треба да ангажираат неколку квалитетни засилувања доколку сакаат Металург повторно да биде дел од европската елита, наместо да продолжи да тоне во просечноста на домашната ракометна сцена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.