| четврток, 6 декември 2018 |

Ципрас ја отфрли можноста за нови избори во Грција

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја отфрли можноста за нови избори, но го остави отворено прашањето за распишување на референдум, ако не биде постигнат договор со меѓународните кредитори за финансирање на земјата.

Во интервју за телевизијата „Стар“ Ципрас изјави дека било грешка, што не биле земени средства од кредиторите по договорот со нив од февруари годинава, со кој беше продолжена тековната спасувачка програма на Грција за четири месеци. Според Ципрас тој пропуст се должи на „заблуди“, но изрази увереност дека ќе бидат создадени можности за финансирање на земјата од банките, кои досега беа ограничени од Европската централна банка.

Ако преговорите со кредиторите не резултираат со договор, Ципрас истакна дека решението на проблемот ќе биде донесено од народот, иако верува дека тоа нема да биде неопходно и дека Грција ќе се договори со кредиторите.

Алексис Ципрас, исто така, нагласи дека германскиот канцелар Ангела Меркел има за цел грчкиот проблем да биде решени, додавајќи дека евентуален неуспех и банкрот на Грција ќе биде неуспех и за Меркел.

Грчкиот премиер го оцени како успех договорот на неговата влада со еврозоната и ММФ од 20 февруари, истакнувајќи дека по тој датум имало обиди за промена на неко клаузули од договорот. Ципрас ги обвини за тоа своите политички противници и центри на моќ во Европа, како и дека создале „минско поле“ со цел неговата влада да попушти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top