Ако заталкате малку повеќе на југозападот од Франција и се приближите кон Атлантскиот Океан, ќе наидете на град во кој секоја улица, зграда, приватна куќа или двор претставуваат музеј на отворено, со мирис на сирење и на вино, кој опива. Едноставно, ќе го здогледате Бордо.
Овој француски бисер, сместен на брегот на реката Гарона, ви нуди уникатна архитектура и градби, паркови со алеи и зеленило и магичен вкус на француската кујна.
Градот-музеј
Директен превоз од Скопје до Бордо нема, па веројатно најдобра опција е да резервирате авионски или автобуски билет до Париз и оттаму да се качите во воз или во автобус, кои за четири часа и за шеесетина евра ќе ве однесат до стариот град. Толку отприлика ќе ве чини и патување од Париз со авион, секако за помалку време.
Најевтина опција за сместување во Бордо се хостелите, иако, реално, имаат повисоки цени за разлика од хостелите во некои од другите европски градови. Најевтините ги нудат своите услуги за 14 евра по лице, па нагоре.
Бордо е светски познат по своето вино, неговиот висок квалитет и лозовите насади, а додека шетате по долгите калдрмени улички, ќе ги забележите написите на улиците сочувани уште од периодот на средниот век. Тука се наоѓа најдолгата пешачка зона во Европа, улицата „Света Катерина“. На оваа улица можете да најдете сѐ, од дизајнирана до нам добро познатата кинеска стока. Сепак, најоригинални се продавничките во споредните улички кои навистина го отсликуваат францускиот дух.
Ако некогаш го посетите овој град-музеј, како што многумина го нарекуваат, задолжително посетете ја црквата „Свети Мишел“. Таму ќе најдете стари огромни оргули кои се издигнуваат над влезната врата. Свежината од древните камења, тишината и белите оргули ќе ве вратат во времето на француските кралеви. Во оваа црква некогаш се одржуваат концерти со класична музика. Прекрасни се и црквата „Нотр Дам“ и „Свети Андре“.
Бордо поседува неколку театри и опера во која свири националниот оркестар. Недалеку од операта се наоѓа огромна фонтана што ја сочинуваат импозантни фигури на коњи и коњаници. Ако прошетате на кејот покрај реката, ќе наидете на уште една необична фонтана. Нејзиното име е „Водено огледало“ (Miroir d’eau), а се наоѓа на плоштадот „Бурс“.
Посетете ги и капиите на стариот дел на Бордо. Уживајте во градскиот парк со зеленило, езерца, патки и мостови. Сето тоа е дел од божествен колорит.
Градот-музеј е и голем универзитетски центар. Во него се наоѓаат многу факултети, почнувајќи од природни науки преку хуманистички, па сѐ до уметнички. Еден од надалеку прочуените факултети е Конзерваториумот, каде што се усовршуваат идните големи музичари.
Ако не сакате да шетате, најдобар избор од градскиот превоз е трамвајот кој полека се движи по улиците и остава доволно време за уживање во околината. Билетот во еден правец чини околу еден евро. Може да изнајмите и велосипед за две евра, да ја искористите велосипедската патека и да се спуштите сѐ до океанот.
На горната страна од реката Гарона можете да прошетате до „Лес Хангарс“, блокови од бродоградилиште до реката кои се преуредени и во кои денес се наоѓаат многубројни кафулиња и малечки ресторани. Во недела тука се одржува пазар на отворено и можете да најдете од производи од сирења, кроасани, багети, сендвичи, топла храна до овошје, зеленчук, риба и месо. Од другата страна на реката Гарона се наоѓа т.н. стар мост (Pont de Pierre), кој ве води на другата страна од градот.
Француски печива и одлично вино
Французите, дефинитивно, знаат да направат добар леб, кроасани и багети. Пекарниците во Бордо се направени со големи блескави излози, но внатрешноста е во рустикален стил кој ви го доловува традиционалниот дух. Сите видови печива се посебно наредени во кошници, најчесто со црвени карирани ткаенини. Откако ќе пробате домашно направени кроасани, кои буквално се топат во уста, тие ќе ви станат омилената закуска додека сте таму. Секако, покрај печивата, никако не пропуштајте да ги пробате чоколадните производи во некои од специјализираните продавници.
Најдобро од сѐ е виното, по кое овој дел на Франција е најпознат. Во околината на градот се наоѓаат голем број лозови насади. Секое домаќинство што поседува винарница својата куќа ја нарекува château, односно замок. Една чаша од ова престижно вино ќе ви причини незаборавно искуство и уживање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.