Годинашни добитници на меѓународната награда „Златен прстен“ за книжевен творечки опус се писателите Раде Силјан (Македонија) и Аднан Озер (Турција).
Раде Силјан е роден во 1950 година (Жван, Демирхисарско). Тој е истакнат македонски поет, есеист, критичар и преведувач. Автор е на книгите: Третиот лик на времето (поезија, 1975), Сенки на јавето (1980), Гласник (1989), Заѕидување на сенката (1990), Осамен поглед (1996), Пресликано време (1999), Гласот на предците (2001), Горчлив вилает (2006), Сенки на татковината (2007), Врвови (2008), Кругови (2009), Завештанија (2010), На мегдан за татковината (2010), Молитвење (2011), Блажена (2012), Сенка на векот (2013), Огледало на вековите (2013), Молитви, блаженства, сенки (2014), Отворена книга (поезија, 2014) и други. Добитник е на наградите: Кочо Рацин, Браќа Миладиновци, Ацо Шопов, Димитар Митрев, 11 Октомври, Михај Еминеску и други. Негови книги се преведени на: англиски, руски, турски, грчки, италијански, бугарски, српски, украински, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, бошњачки и албански јазик.
Аднан Озер е роден во 1957 година во Газиоглу ( Текирдаг, Турција). Тој е истакнат турски поет, новинар и уредник. Автор е на книгите: Огнена флејта (1981), Смртта на ѕвонецот (1983), Мапа на времето (1991), Избрани песни (1994), Збогум поезијо (1998) и други. Добитник е на голем број национални и меѓународни награди и признанија. Во 1980 година тој е награден со наградата на Академијата за убави уметности. На турски јазик има преведено повеќе значајни светски автори и дела, меѓу кои и на: Валехо, Лорка, Мачадо, Неруда, Паз… Метафората и сетилноста се суштински белези на неговите стихови, а тие се карактеристични и за големата турска поезија. Неговите песни се препеани на: англиски, германски, македонски, романски, шпански и други јазици и објавени како посебни книги во тие држави.
Традиционалната меѓународна награда „Златен прстен“ ја доделуваат издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје.
Наградата ќе биде врачена на претстојниот Меѓународен саем на книгата, кој ќе се одржи од 5 до 11 мај во Скопје.
Инаку, досегашни добитници на наградата „Златен прстен“ се: Милан Ѓурчинов, Ферид Мухиќ, Светлана Христова Јоциќ, Васил Тоциновски, Петре Бакевски, Веле Смилевски, Тодор Чаловски, Ристо Василевски, Јордан Плевнеш (Македонија), Фиона Самсон (Англија), Петар Опачиќ, Борислав Павловски (Хрватска), Бања Нацуиши (Јапонија), Владислав Бајац, Момо Капор, Радомир Андриќ, Ева Рас, Душица Илин (Србија), Сергеј и Тетјана Ѕуба (Украина).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.