Со театарската претстава „Животот на Молер“ од Михаил Булгаков во режија на Александар Поповски, посветена на гостите од државата и странство, вечер во Битола почнува 17. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама.
Годинава во конкуренција се 11 монодрами со актери од Романија, Израел, Турција, Хрватска, Србија, Бугарија, Украина, Велика Британија и Македонија, а посебни гости на фестивалот се актерките од театарот „Тагањка“ од Москва кои ќе го изведат театарско-музичкиот перформанс „Женски судбини“, најави Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура Битола.
– За секој организатор посебно задоволство претставува кога на фестивалот има и премиерна претстава, а така ќе биде и годинава бидејќи монодрамата “Delirium Tremens” во која ќе настапи актерот Игор Трпчески од народниот театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп првпат ќе биде изведена во Битола. Освен оваа, на фестивалот ќе има и други две македонски монодрами, а тоа се „Последна шанса“ со актерката Весна Петрушевска и „Хашамет“ во која ќе настапи актерот Бурхан Амити од Тетово – изјави Димитровски. Натпреварувачкиот дел ќе почне утре со монодрамата „Приказни без зборови“ и романскиот актер Стефан Руксанда, а ќе заврши на 28 април кога ќе биде доделена наградата Гранпри за најдобра монодрама и други фестивалски признанија.
Во чест на наградените ќе биде изведена претставата на МНТ „Не се клади на енглези“ од Владимир Ѓорѓевиќ во режија на Синиша Ефтимов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.