Претставата „Прометеј“ по текст од Есхил во режија на Дејан Пројковски, в недела, премиерно ќе ја изведе Турскиот театар.
Режисерот Пројковски истакна дека станува збор за претстава работена во радикална експериментална форма, во која значаен дел од играта на актерите е базиран на движењето. Ја обработува големата тема на Прометеј, кој му го подарил огнот на луѓето, а кој оган во претставата често ликовите го бараат преку потрагата по човекот, човечкото во себе и кој станува своевиден симбол на нивната совест.
– Мислам дека успеавме да создадеме еден наш, би рекол, измислен антички тип на театар заедно со Олга, Рафик и Горан и со актерската екипа. И кога би требало со еден збор да кажам што е нашиот Прометеј, тоа е лабораторија за антички театар – рече Пројкоски.
Според него, в недела публиката ќе може да види една шокантна актерска игра што ја тестира актерската и театарската издржливост.
За кореографката на претставата Олга Панго, за која ова е втора соработка со Турскиот театар, претставата носи нов современ израз наспроти она што е класична актерска игра. Како Пројкоски, и таа е особено задоволна од соработката со актерите од Турскиот театар и нивната отвореност и професионалност при извршувањето на сите задачи за време на пробите.
Авторот на сценографија и долгогодишен соработник на Турскиот театар, Владо Ѓорески-Рафик, рече дека специфика при работењето на оваа претстава е што се барало точна, а не убава сценографија. А тоа значи да се ослободи, да се исчисти просторот за режисерската мисла, за извонредната кореографија и за беспрекорната актерска игра.
– Целокупната работа на претставата е чист, искристализиран и јасен естетизам со што Турскиот театар со овој проект влегува во најсовремените европски театарски движења – вели Ѓорески.
Музиката за претставата е на Горан Трајковски. Главните улоги ги толкуваат Селпин Керим, Џенап Самет, Сузан Акбелге и Неат Али искусна актерска екипа на Турскиот театар.
– Уживавме во работата на претстава. Ова беше за нас тежок процес, пред сѐ заради физичкиот напор кој се бара од актерите – вели Самет.
Во претставата, која ќе биде изведена на сцената на Театар Комедија, настапуваат и студенти дипломци од Факултетот ЕСРА.
Ова е четврта претстава која Пројковски ја работи со Турскиот театар по претставите „Гилгамеш“, „Тартиф“ и „Ромео и Јулија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.