Во екот на актуелната украинска криза, поголем дел од германската јавност го прифаќа рускиот аргумент дека Москва се чувствува опколено и загрозено од потезите на Запад. Речиси е еднаков бројот на Германците што сочувствуваат со позицијата на Русија и на тие што се противат на акциите на Москва, се наведува во анализата на германскиот „Маршалов фонд“. Германскиот професор по новинарство Маркус Цинер, кој е и соработник на Фондот со седиште во Вашингтон, истакнува дека има повеќе причини за таквото расположение на Германците кон Русија, односно за високиот степен на толерантност кон руската политика. Цинер посочува на фактот дека распоредувањето на проектилите „першинг2“ во почетокот од 80-тите години на 20 век, со кои НАТО сакаше да им се спротивстави на советските проектили СС-20, доведе до општ страв во Германија оти Студената војна може да ескалира.
– Стотици илјади лица тогаш протестираа барајќи НАТО да се воздржи од распоредувањето на ракетите. Голем дел од германската јавност беше подготвен повеќе да им верува на тврдењата на Москва, отколку на НАТО. Триесет години подоцна, по сѐ изгледа дека историјата се повторува – истакнува Цинер. Според него, германската јавност природно стравува од воена ескалација на својот праг, а покрај тоа, Германците немаат некои особено силни чувства кога станува збор за напорите на Киев за поголема автономија од Русија.
– Но тоа е сам дел од објаснувањето. Другиот дел се заснова на тоа дека фактите повеќе не се важни – додава германскиот професор.
Во анализата се наведува дека мислењата за украинскиот судир главно се формирани во почетокот од 2014 година и оти останаа непроменети и покрај руската анексија на Крим и јасните докази што во меѓувреме се појавија за руската поддршка на проруските бунтовници во источна Украина.
– Помеѓу Германците преовладува мислењето дека ескалацијата можеше да биде избегната ако Европската Унија не се обидеше да ја принуди Украина на потпишување на спогодбата за придружување во 2013 година. Со други зборови, ЕУ целосно ги занемари руските интереси, со што го разгори најголемиот воен судир во Европа по завршувањето на Студената војна – оценува Цинер. Германскиот професор истакнува дека Русија ги прекршува меѓународното право и Меморандумот од Будимпешта, потпишан во 1994 година, со кој се гарантира територијалниот интегритет на Украина, но оти со таквите аргументи многу Германци не се задоволуваат. За тоа чувство придонесува и перцепцијата дека германските медиуми неточно известуваат за Русија, а покрај тоа, како што наведува Цимер, многу Германци сакаат нивната влада да следи политика што е понезависна од САД.
– Војната во Ирак, шпионските скандали со Националната безбедносна агенција (НСА) и битката околу Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство (ТТИП) влијаат на сликата за кризата со Русија – додава Цинер.
Тој укажува оти поддршката за канцеларката Ангела Меркел расте кога таа, според мислењето на Германците, во односите со Русија следи германски или европски став, наместо американски совети. Според него, Германците и понатаму имаат кон Русија силни сентиментални чувства, особено во делови на Источна Германија и помеѓу постарите генерации, бидејќи и натаму имаат големи симпатии кон Русите на лично ниво и покрај тоа што доста страдаа под советска окупација.
– Повеќемина од оние што се сеќаваат на Студената војна или Втората светска војна не можат да поверуваат оти Европа може повторно да биде на работ од студена војна со Русија – се наведува во анализата на Маршаловиот фонд.
Како последица на тоа, според Цинер, германската политика „оди по жица“, а Меркел и шефот на дипломатијата Штајнмаер мора да земат предвид неколку фактори, вклучувајќи ја и неупатеноста на голем дел од јавноста, големиот удел на реалполитиката и емоциите. Тој оценува дека Меркел досега главно беше успешна во балансирањето – и натаму соработува со Русија и сериозно се обидува да избегне целосна изолација на Москва, се воздржува од воведување престроги санкции, а и натаму својата улога ја гледа пред сѐ како посредник.
– Но таквата политика функционира сѐ додека постои некоја надеж дека би можела да даде плод. Штом пропадне таа можност, улогата на Германија станува неодржлива. На Германија нема да ѝ биде лесно да премине од улогата на добар полицаец во статус на лош полицаец – заклучува Маршаловиот фонд во анализата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


