На 1 мај ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето спроведено лани во ноември од Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група и од Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.
Истражувањето треба да ги покаже практиките за пропишување антибиотици за респираторни инфекции на избраните лекари. Резултатите од истражувањето, заедно со Стратегија за пристап кон проблемот, ќе бидат изнесени на првиот симпозиум на тема „Антибиотиците во примарна заштита – предизвици за подобрување”, кој ќе се одржи во мај. За тоа колку и дали граѓаните на Македонија погрешно користат антибиотици разговараме со доцент доктор Катерина Ставриќ од Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.
Од каде потребата за истражување на пропишувањето антибиотици за респираторни инфекции на избраните лекари, во кои региони беше спроведено истражувањето и колку лекари беа вклучени?
СТАВРИЌ: Сите сме свесни дека се препишуваат многу антибиотици. И докторите, и пациентите, и здравствените работници се свесни за тој проблем. Тоа не е проблем само во Македонија, туку и во другите земји. Таква студија е направена во деведесеттите години на минатиот век на мал примерок и тогаш биле избрани десетина лекари. Оттогаш нема ново истражување. Идејата за таква студија произлезе по формирањето на Центарот за семејна медицина и Катедрата по семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје. Се воспостави соработка со Катедрата по семејна медицина на Медицинскиот факултет во Загреб. Како резултат на таа соработка, имавме гостинка, доцент доктор Марија Бота Вртица, којашто ги презентираше резултатите од нивната студија направена во 2007-2008 година. Истражувањето произлезе и како резултат и како потреба Катедрата по семејна медицина да се изградува во академска институција и да почне да се занимава со научни проекти. Во 2014 година е формирано Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група, со посебен интерес за респираторни заболувања бидејќи стануваат сѐ поактуелни и како резултат на соработката со Меѓународната респираторна група за примарна здравствена заштита овој проект стана реалност. Истражувањето се спроведе во ноември 2014 година и учествуваа 107 избрани лекари од цела Македонија. Ние сме им многу благодарни бидејќи без нивниот ентузијазам и желба немаше да се реализира проектот. Повеќе од шест илјади пациенти што имале потреба за консултација со симптоми на акутна респираторна инфекција се вклучени во овие прашалници.

Целта на овој проект е да ги видиме реалните проблеми, специфични
за Македонија и едукацијата да ја насочиме кон тие проблеми
Врз основа на ова истражување ќе произлезат насоки за потребите од едукација, како на докторите така и на населението. Колку е потребна едукација?
СТАВРИЌ: Постојано е потребна едукација. Дел од професионалниот развој на лекарите е континуираната едукација. Целта на овој проект е да ги видиме реалните проблеми, специфични за Македонија и едукацијата да ја насочиме кон тие проблеми. Меѓутоа, не е потребно да ги едуцираме само докторите. Потребно е да се подигне и здравствената едукација на населението. Првичните резултати од истражувањето покажуваат дека најчесто од одредени симптоми, кои не се ни болести, а тоа е болката во грло, кашлицата, настинката, пациентите имаат страв и бараат антибиотик штом ќе посетат лекар. Докторите што се преоптоварени со секојдневните обврски и со голем број пациенти многу полесно се одлучуваат да препишат антибиотик. И тоа е тој затворен круг.
Институтот за јавно здравје на Македонија минатата година спроведе истражување кај населението според кое 74 проценти од пациентите земаат антибиотици по лекарска препорака. На прашањето колку знаат за антибиотиците, 38 проценти дале точен одговор, дури 43 отсто дале погрешен одговор дека антибиотиците се ефективен лек за вирусни инфекции, а 25 проценти не дале никаков одговор. Во последната година е забележан пораст на потрошувачката на антибиотици од 10 проценти според бројот на пропишани рецепти. На што се должи сето тоа и како Вие би ги коментирале тие бројки?
СТАВРИЌ: Овие бројки се совпаѓаат со нашето истражување. Половина од препишаните антибиотици се за вирусни инфекции. И пациентите сметаат дека антибиотиците ги лекуваат вирусите. Ставови се менуваат многу тешко. Ако сакаме да постигнеме успех, треба да дејствуваме на сите нивоа во исто време. Тоа значи на ниво на доктори, на пациенти, на здравствени системи, ако навистина сакаме да постигнеме ефект.

И претходната студија на Институтот за јавно здравје укажува на тоа
дека речиси половина од населението смета оти антибиотиците ги лекуваат
вирусните инфекции
Може ли да се направи споредба меѓу Македонија и останатите балкански и западноевропски земји, колкава е свесноста за препишување и за користење антибиотици од страна на граѓаните?
СТАВРИЌ: Од север кон југ расте процентот на користење антибиотици. За жал, процентот е висок. И претходната студија на Институтот за јавно здравје укажува на тоа дека речиси половина од населението смета оти антибиотиците ги лекуваат вирусните инфекции. И студијата покажува дека на пациентите им се препишуваат 80-90 проценти антибиотици. Во студијата ги избравме респираторните инфекции бидејќи две третини од тие инфекции се вирусни и не треба да се лекуваат со антибиотици. Тука се гледа несоодветното препишување на антибиотиците. Избрана е примарната здравствена заштита бидејќи тоа е нивото каде што најмногу, 80-90 отсто, се препишуваат антибиотици на примарно ниво во сите земји. Со истражувањето сакавме да го видиме јазот што постои и каде може да дејствуваме.
Која е Вашата препорака, како и на кој начин може да се дејствува за да се користат антибиотиците правилно. Што треба да стори лекарот, а што пациентот? Дали се прават хемокултури од страна на докторите, колку граѓаните се запознаени со тоа, што треба да знаат за антибиограмот и колку е важен тој во целата постапка?
СТАВРИЌ: Докторите поставуваат дијагноза врз основа на прегледот на пациентот. Во наши услови, релативно ретко се користат дополнителни дијагностички тестови затоа што, освен крвна слика и микробиолошки испитувања, другите испитувања не ги покрива Фондот за здравство. Резултатите од микробиолошките испитувања се чекаат два-три дена, така што тоа не им помага многу на лекарите во донесувањето на одлуките дали станува збор за вирусно или за бактериско заболување. Постојат други тестови и се наметнува потребата тие да бидат на товар на Фондот за здравствено осигурување. Тие се брзи и може да му помогнат на докторот во дијагнозата. Што би им препорачала на пациентите? Докторот што не препишува антибиотик е добар доктор! Верувајте му! Не барајте антибиотик! Тој најсовесно и најпрофесионално постапува. Често и пациентите ако еден доктор не им препише антибиотик, одат кај друг кој ќе го стори тоа. Последните години некако се наруши довербата меѓу лекарите и пациентите, па треба да ја вратиме. Но, мора да се врати довербата и меѓу докторите и другите специјалисти. Затоа што ако не се даде антибиотик, а се случи компликација, тоа не е грешка на докторот. Превентивното давање антибиотик не значи дека ќе превенира појава на компликации. Компликацијата ќе се случи и со антибиотик и без него. Поголеми се несаканите ефекти од злоупотребата на антибиотиците.
Во мај ќе се одржи првиот симпозиум на тема „Антибиотиците во примарна заштита – предизвици за подобрување”. Каква е агендата за симпозиумот и кој ќе учествува?
СТАВРИЌ: На симпозиумот ќе ги презентираме првичните испитувања што ги добивме од оваа студија. Поканети се да учествуваат сите релевантни институции кои се вклучени во овој проблем – Министерството за здравство, Агенцијата за лекови, ФЗО, да излезат со свои податоци, да го согледаме проблемот од сите аспекти. Имаме гости, поканети предавачи од странство, од Меѓународната респираторна група за примарна здравствена заштита, кои имаат искуство на ова поле. Тие ќе презентираат каква е состојбата во европските земји и ќе ги презентираат нивните искуства.

На крај, сите имаме иста цел – сакаме да обезбедиме
висококвалитетна грижа за здравјето на пациентите
Каков исход очекувате од симпозиумот и кои заклучоци ќе се земат предвид во иднина?
СТАВРИЌ: Оваа студија е дел од еден проект. Првиот дел е да направиме анализа, да видиме кои се конкретните, реални проблеми и врз основа на тоа, повторно во соработка со меѓународната заедница, да предложиме одредени интервенции, како за докторите, така и за пациентите и за здравствената политика. Тоа, пред сѐ, се однесува на промена на одредени дијагностички тестови. На крај, сите имаме иста цел – сакаме да обезбедиме висококвалитетна грижа за здравјето на пациентите.
Целото интервју може да го погледнете на овој линк.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


