Погребен венец испратен како порака пред било чив дом е делување за секаква осуда. Таков чин на заплашување не доликува во ниедно цивилизирано демократско општество. Таква порака може да измисли само мрачен ум. И затоа пристигнаа осуди од сите страни за таков чин упатен кон семејниот дом на еден новинар.
Но, каков ли е тој ум што може да смисли, да се искористи моментот за да се исполитизира. Згора на тоа кому тоа му истекна, додека оригиналниот венец е во полиција, да купи нов, да ја напише истата порака, за да може да се зграби можноста за оцрнување на власта? Која ли требаше да биде целта денеска со премолчувањето за замената на венецот, освен да се искористи за политички цели, како добар вовед на новото „телефонско шоу“ во СДСМ со монтирани разговори поврзани со медиумите. Но и веднаш по прозивките дека Јовановски на банкарска сметка добил 68 илјади евра од странство, трансакција која новинарот не ја демантираше.
Тоа што остана во втор план е дека оставањето порака со венец е оригинална идеја токму од СДСМ. Семејството на Борјан Јовановски не е прва жртва на оставањето последни поздрави со погребални венци. Сопартијците од СДСМ венец со последен поздрав му оставија на вратата на Стевчо Јакимовски откако си замина од партијата. Но, Јакимовски и неговите сопартијци не заминаа пред централата на СДСМ на Павел Шатев за да го вратат на нарачателот.
Медиумите финансирани од СОРОС, контролирани од СДСМ, се приклучија на манипулацијата на јавноста која ја прави партијата која ја креира политика на овие медиуми. По објавувањето на фотографијата на сопругата на Јовановски со погребален венец, соросовите медиуми без било каква истрага и без никакви докази донесоа пресуда посочувајќи го прстот во владата. Иако насобраните новинари посочија дека фрлањето на венец пред Владата не е порака дека Владата го нарачала и испратила венецот, овие медиуми излегоа со вакво тврдење. Порталот на Бранко Геровски, „Плусинфо“ во наслов посочи дека Владата е нарачателот. Геро веројатно спровел истрага пред надлежните институции.
Се поставува и прашањето – зошто венецот се фрли пред Владата, откако претходно ВМРО-ДПМНЕ, како и новинарските здруженија ја осудија заканата кон Јовановски. За волја на вистината, венецот кој бил оставен пред домот на Јовановски е во полиција.
Пред Владата беше донесен нов венец. Некој отишол, купил нов венец со порака „Последен поздрав“ за да го фрли пред Влада. Морбидно и налудничаво…
Како и да е, некој му купил нов венец на Борјан за да го фрли пред влада. Иако Новинарскиот пленум посочи дека не сметаат дека Владата е нарачателот, сликата која тие ја создадоа со собирот и театарот пред влада е поинаква. Само го продолжија театарот на лагите и самопрогласувањето на жртви. Со манипулациите и црните сценарија кои ги креираат, медиумите под контрола на Сорос намерно ја извртуваат вистината, како дел од големата приказна на опозицијата за наводна загрозена слобода и демократија.
Во тоа сценарио таканаречените борци за демократија се платеници на Сорос чија што задача е да внесат немир кај граѓаните и со креирање на лажни погрешни перцепции да создадат раздор.
Случајот „Враќање на венецот на Борјан“ е смислен како обид да се нанесе штета со ширење невистини и прогласување на жртви. Лагата е до толку проѕирна и заради обидот со манипулација со измислени други закани кон други новинари кои се главна тема во соросовите медиуми. Од истите овие не се слушна никаква осуда за нападот врз Радио Слободна Македонија, организираните секојдневни обиди за упад во МРТВ и притисокот врз уредниците и новинарите во овој медиум, за вербалниот напад врз Дејан Николовски, новинарот Бобан Нонковиќ, Горан Петревски… Оваа пропаганда е позната работа. Истиот терк го имаше иницијативата „Овде сме , тепајте“ кога актуелниот шеф на комуникации на СДСМ Роберт Поповски, организираше политички протести прогласувајќи новинари за жртви.
За тоа постојат видео материјали и изјави на сведоци. Сето ова е дежа-ву на минатите времиња кога Сорос со лаги и манипулации од истите луѓе на недемократски начин сакаат да предизвикаат криза и недемократска атмосфера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.