Македонија не ги прележала детските болести, повторно загубивме спортски натпревар по доста промашени шанси и пак, како по традиција противникот на казни. Адис Јаховиќ, Иван Тричковски и Горан Пандев промашуваа во одличните почетни 20-на минути, а по грешката на Александар Лазевски не казни Кевин де Бруин со гол во 26. минута.
Во вториот дел и германскиот судија Дениз Ајтекин, судеше по нотите на фаворитот. Германецот, досуди пенал по стартот на Лазевски врз Азар и тука беше крајот. Белгискиот „феномен“ од Челси погоди за 2-0 и нова победа на „црвените ѓаволи“.
Се обидовме преку Агим Ибраими да постигнеме почесен погодок, но не ни успеа. Повторно губиме натпревар по солидна игра, но нешто ни недостасува. Реализацијата не ни беше на ниво, имавме и грешки во одбраната, доволно за пораз од една од најперспективните светски селекции. Време за жалење немаме, бидејќи, веќе во вторник, одново играме со „црвените ѓаволи“, но овојпат кај нив во Брисел.
-Мора веднаш да заборавиме на сето ова и да се подготвиме за дуелот во Брисел, каде очекувам нов добар натпревар од Македонија. И покрај поразот горд сум на фудбалерите. Одигравме добро, посебно во првите 20 минути. Создадовме и неколку добри шанси, но не ги искористивме. Лазевски можеше подобро да реагира при првиот гол, но не сакаме да го карактеризираме како некаков виновник, затоа што таков е фудбалот – рече Јаневски.
Во вториот дел немавме сила за пресврт, особено по чудниот пенал што го досуди Ајтекин, по дуелот Азар-Лазевски. Публиката реагираше со повици „УЕФА мафија“ и тоа пред очите на првиот човек на УЕФА, Мишел Платини кој ни беше гостин, но се е попусто по поразот од Белгија.
-Мора да признаам дека победивме со многу среќа, што ја имавме на почетокот од натпреварот. Нашиот голман Куртоа, со неколку одлични интервенции не дозволи гол во нашата мрежа. Потоа се консолидиравме и дојдовме до посакуваното водство, кое ни ја олесни задачата во продолжение. Во секој случај, нема да имаме лесна задача и во Брисел. Се гледа дека Македонија знае да игра фудбал – рече Марк Вилмотс, селекторот на Белгија.
Macedonia vs Belgium 0:2 GOALS HIGHLIGHTS by footballdaily1
Во останатите два дуели од нашата група Хрватска во дербито ја победи Србија со 2-0, со головите на Манџукиќ и Олиќ, а Велс со пресврт славеше во Глазгов против Шкотска со 2-1. Хенли донесе радост за домаќините во 45. минута, но Велс за две минути стаса до победата. Рамзи од пенал во 72. минута и Робсон-Кану во 74. минута направија пресврт. Белгија и Хрватска со по 13 бода се на делба на првата позција, Велс е трет со 6 бода, Македонија и Србија го делат 4. место со по 4 бода, а Шкотска е последна со 2 бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.