РК Вардар со пораз во Полска против шампионот на оваа држава Кјелце го заврши настапот во Лигата на шампионите оваа сезона. Во натпревар со многу постигнати голови 33-31, црвено-црните беа достоен противник во текот на целиот натпревар, не се предадоа по поразот од Скопје, но на фајналфор турнирот во Келн оди подобрата екипа на Кјелце.
Вардаровите ракометари беа на чекор до сензационална победа, натпреварот изобилуваше со многу пресврти, силна борба на теренот но сепак нијанси одлучуваа. Вардар дури 11 пати стигна до нерешно во текот на мечот, но фалеше завршниот исчекор кон победата.
Предноста која ја имаше Кјелце од првотоплувреме (16-14) искусно ја задржа иако мора да се признае Вардар имаше моменти и за водство, но се нешто ќе се испречеше за да се дојде до тоа. Во овој период од мечот за првпат на голот на Кјелце застана и Шмал кој успеа да фати два пенала, како и неколку зицер шутеви на црвено-црните. Иако Карел Бјелецки постигна осум погодоци, сепак се чини дека токму полскиот голман го одведе својот тим на завршниот турнир.
Штербик кој се врати меѓу стативите во 50.минута одбрани неколку тешки удари, но неговите колеги од нападот тоа не го искористија.
Алекс Дујшебаев одигра феноменален натпревар со девет гола, а Игор Карачиќ постигна седум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




