Лидерот на британската Либералдемократска партија Ник Клег изјави дека на парламентарните избори од 7 мај никој нема да обезбеди уверлива победа.
Според Клег, ниту една од двете главни партии – на конзервативците и на лабуристите – нема да успеат да обезбедат мнозинство во Долниот дом на Парламентот за да можат сами да ја формираат идната влада, па дека затоа во Велика Британија уште еднаш ќе мора да се прави коалиција.
Тој ги повика британските гласачи да се определат меѓу неговата партија и Шкотската национална партија (СНП) и Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП), како единствените потенцијални партии за создавање на коалициона влада.
-Некој ќе мора (уште еднаш) да го обезбеди политичкиот баланс по изборите за три недели, а тоа не ќе можат ниту Дејвид Камерон, а ниту Ед Милибанд. На едниот или на другиот ќе им биде потребна мојата поддршка или поддршката од водството на СНП или УКИП – рече Клег.
Според мислењето на лидерот на либералдемократите, само оваа партија ќе може да обезбеди идната влада да продолжи по патеката на која се наоѓа Велика Британија.
Клег ги повика Британците да гласаат за кандидатите на оваа партија, тврдејќи дека секој глас даден за либералдемократите, претставува бариера „меѓу СНП и УКИП и вратата во Дауниг стрит 10“.
Во досегашните настапи во текот на предизборната кампања, лидерот на конзервативците Камерон и на лабуристите Милибанд, порачуваат дека ќе извојуваат уверлива победа и ќе формираат еднопартиска влада.
Сите досегашни анализи, меѓутоа, покажуваат дека ниту една партија не ќе може сама да создаде влада и дека од 8 мај ќе почнат преговорите за правење коалиција, а како партнери се предвидува да се појават Либералдемократската партија, СНП и УКИП.
Клег и либерадемократите беа пет години во досегашната коалција со конзервативците, иако меѓу двете партии има силни идеолошки разлики и политички несогласувања. Тој сега вели дека се согласил на коалиција со ториевците само во интерес на Британија, за стабилизацијата на економијата и за изградбата на фер односи во општеството.
Испитувањата што на почетокот од оваа недела ги направија две британски агенции покажуваат тесна разлика меѓу ториевците и лабуристите. На листата на агенцијата ТНС, конзервативците имаат предност од два отсто пред лабуристите, додека на листата на „Југав„ лабуристите се во водство од еден отсто пред своите главни конкуренти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.