| четврток, 6 декември 2018 |

„Драгон кунг фу современа танцова компанија“ од Пекинг за затворање на „Танц-фест“

Делегација на менаџери и уметнички директори на најзначајните институции од областа на културата во Кина денеска имаа средба со министерката Канческа-Милевска по повод гостувањето на „Драгон кунг фу современа танцова компанија“ од Пекинг на 28 април во Велешкиот театар за затворање на 11. „Танц-фест“ .

Канческа-Милевска и кинескиот амбасадор во Македонија Вен Џеншун на прес-конференција искажаа задоволство од досегашната соработка во културата, која ќе се унапредува со идни гостувања и размена на проекти.

– Македонија и Кина негуваат одлични релации во областа на културата. Програмата за културна соработка која беше потпишана во 2011 година овозможи бројни настани, меѓу кои беа и Деновите на македонската култура во Кина, а по повод одбележувањето 20 години од дипломатските односи, во Скопје и Охрид настапи кинескиот младински национален оркестар од Пекинг, истакна Канческа-Милевска.

Министерката наведе и други примери со кои се продлабочува македонско-кинеската културна соработка – возвратните театарски гостувања, преводот на 135 тома македонска литература на кинески јазик низ антологиски приказ, а потсети и дека годинава добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата е кинескиот поет Беи Дао. Амбасадорот Вен Џеншун, исто така, подвлече дека Македонија и Кина имаат успешна соработка на политички и економски план, особено во инфраструктурните проекти, како и во размена на културата.

– Оваа година Кина испрати многу силна танцова група, на високо ниво, „Драгон кунг фу современа танцова компанија“ да гостува на свеченоста за затворање на „Танц-фест“. Амбасадата на Кина во Македонија продолжува да ја поддржува културната размена меѓу Македонија и Кина. Се надевам дека македонските медиуми ќе посветат внимание на културната размена меѓу двете земји и ќе информираат за големите настани – рече Џеншун.

Уметничката директорка на „Танц фест“ Рисима Рисимкин истакна дека фестивалот повторно покажал дека е мост на културата меѓу Македонија и светот, затоа што оваа танцова компанија првпат гостува во Македонија.

Соопшти и дека „Скопје танц-театар“, кој е организатор на „Танц-фест“, во мај ќе учествува на фестивал во Пекинг, каде што со две програми ќе го претстави македонскиот современ танц. „Драгон кунг фу современа танцова компанија“ ќе гостува со 11-члена екипа, која ќе го изведе проектот „Кунг фу танц” – комбинација од борачки вештини и танц. Проектот е на шестмина кореографи, во режија е на Лиу Лу и на музика на Зоу Ханг.

Во пет сцени ќе биде презентирана традиционалната култура и современата уметност во Кина, во која борачките вештини се традиционален спорт, но и мошне ценето културно наследство. Компанијата е основана во 2006 година од светски позната кунг фу ѕвезда Џеки Чен. Вклучува членови од престижни кунг фу групи од Кина и сите имаат богато изведувачко искуство на кунг фу техниките.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top