За три месеци се направени повеќе од 10 000 хируршки интервенции во јавното здравство, покажуваат податоците од „Мој Термин“.
Во јануари, февруари и март во Јавните здравствени установи биле извршени 10.198 операции. За истиот период биле издадени 15.087 болнички упати за операции. Операционите сали биле најмногу зафатени во Градската општа болница „8-ми Септември“. Таму првите три месеци биле оперирани 1.139 пациенти.
Втора на листата е Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија со 1.032 операции. Веднаш по неа со 1.012 хируршки интервенции е Клиниката за дигестивна хирургија. Во топ 5-те установи во кои има најмногу завршени операции се и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и Клиниката за очни болести со 980 односно 819 интервенции.
Најмногу или 2.020 болнички упати биле издадени за екстракција на очна леќа со факоемулзификација. Вкупно 1.324 биле за ексцизија на лезија на кожа и поткожно ткиво, 1.226 упати биле издадени за репарирање на ингвинална хернија, 726 за тонзилектомија или аденоидектомија, а 420 пациентки биле болнички упатени за киретажа на матка.
Што се однесува до снимањата со МР и КТ, податоците од „Мој Термин“ покажуваат дека првите три месеци годинава биле извршени 4.446 снимања со магнетна резонанца и 11.519 со компјутерска томографија. За споредба, во 2014 со МР имало 12.971 а со КТ 39.313 снимања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.