Скромен старт на четвртфиналните дуели во Лигата на шампионите со само еден гол и тоа од пенал во Торино за победа на Јувентус против Монако од 1-0 и реми без голови во мадридското дерби е епилогот на денешните дуели.
Во Мадрид во репризата на ланското финале Реал повторно по седми пат сезонава не успеа да најде победнички клуч за одбраната на Атлетико, а „кралевите“ сепак задоволни го напуштија „Висенте Калдерон“ по ремито 0-0. Актуелните европски шампиони беа поактивни од лутиот ривал, а Герет Бејл во првиот дел ја промаши најзрелата шанса кога сам очи в очи со Облак не успеа да ја затресе мрежата на популарните „јорганџии“.
Атлетико сезонава е тврд орев за Реал и има биланс од 4 победи, 3 нерешени натпревари без пораз.
Јувентус се мачеше со одличниот состав од Франција, а победи со голот од пенал на Артуро Видал во второто полувреме. Карвалјо го сруши Мората, па судијата покажа на белата точка. Прецизен беше чилеанскиот интернационалец за победа на старата дама. Монако изненади со одличната партија и беше рамноправен, па и подбар ривал во Торино.
Јувентус досега во 10 наврати ги елиминирал француските екипи во исто толку обиди, но Монако има шанса да ја прекине црната серија, ако ја повтори играта од Торино.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.