Златната рипка Желба, миленичето на охридското „Супер радио“ го одбра својот фаворит меѓу двајцата најсериозни кандидати за градоначалници на Охрид, кои според последните рејтинзи имаат најголеми шанси за да седнат во првата фотелја на градот под Самоиловите тврдини.
– Според законските регулативи, резултатот ќе остане во тајност до недела по 19 часот – вели главниот и одговорен уредник на „Супер радио“, Сашо Митаноски.
– Целата акција беше направена во само два-три дена, после последните, немили случувања во Охрид. Сакаме да дадеме еден скромен придонес како медиум во смирување на страстите и затоа се одлучивме за една ваква акција по примерот на октоподот Пол, кој ги предвидуваше резултатите на Светското првенство во фудбал во Јужна Африка. Желба одбра, а сега останува и охриѓани да го кажат својот збор в недела на едни, се надеваме, мирни, фер и коректни избори.
Според Митаноски, Желба имала поголемо помнење од останатите златни рипки, кои, нели, помнеле само две-три секунди.
– Нашата Желба ќе ги помни долго и сите ветувања кои ги дадоа кандидатите за време на кампањата и ние редовно ќе го потсетуваме новиот градоначалник на истите – истакна Митаноски, кој додаде дека рипката Желба и посебно дизајниораниот аквариум за оваа намена по изборите ќе бидат подарок од „Супер радио“ за новиот градоначалник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.