Турската компанија „Јагје Мезлер“, која планира да вработи 300 лица, од наредниот месец почнува со производство на индустриски ластик во Штип. Во моментов, информираат од компанијата, се монтираат машините кои се пристигнати заедно со суровината за старт на производството.
– Дневно ќе призведуваме 20 тони ластик и сето производство ќе биде наменето за извоз. Продолжуваме и понатаму со нашите инвестиции. Сакам да нагласам дека ќе привлечеме и други инвеститори од Турција, мои пријатели од надвор за да и тие инвестираат во Македонија, изјави Ѓунѓер Каја, сопственик на „Јагје Мезлер“ изразувајќи задовиолство од соработката со Владата и со локланата власт.
Градоначалникот Илчо Захариев ја посети компанијата, која купи неколку објекти во поранешниот текстилен комбинат Македонка и има намера своето производство да го прошири.
– Оваа компанија навистина добро се развива и и треба нов простор. Близу до оваа локација име уште една голема парцела која сме спремни да им ја дадеме, за да градат уште еден погон, така што сметам дека оваа компанија која веќе е домашна, штипска, е сериозен инвеститор во нашиот град, му дава белег на економскиот развој и многу штипски семејства си го заработуваат лебот овде. Ние мораме да ги поддржуваме таквите бизнисмени зашто тие ни се потребни, изјави Захариев.
Новата инвестиција на „Јагје Мезлер“ изнесува околу 25 милиони евра. Откако современите и скапи машини ќе бидат поставени ќе стартува и производството на ластикот, којшто се користи во неколку индустриски гранки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.