| четврток, 6 декември 2018 |

Лекиќ: Вардар заслужи настап на завршниот турнир во Будимпешта

Женскиот ракометен клуб Вардар успеа вторпат по ред да се пласира на завршниот турнир во Будимпешта, овојпат со елиминација на европскиот првак Ѓер во четвртфиналниот двомеч. По победата во Скопје од 24-18, девојките во „црвено-црна“ комбинација одиграа 27-27 на реваншот во Унгарија, сосема доволно за нов настап на Ф4 во Будимпешта.

За Андреа Лекиќ тоа ќе биде трет обид да се закити со европската круна, откако токму со Ѓер во 2013 година се запиша во листата на шампионките. Лани не успеа со Вардар, освојувајќи го третото место, а сега повторно ќе настапи на завршниот турнир во мај.

„Апсолутно заслужно се пласиравме меѓу четирите најдобри екипи, и ќе играме во Будимпешта. Се покажа дека пресудна беше онаа голема победа што ја остваривме во Скопје. Не потклекнавме, ниту во реваншот, иако Ѓер изврши притисок во првото полувреме. Но, потоа успеавме да фатиме ритам, го имавме и водството и беше многу полесно за нас. Среќни сме што елиминиравме еден голем тим, бидејќи Ѓер е се уште актуелен европски шампион“, изјави Андреа Лекиќ за унгарските медиуми.

Со Вардар во Будимпешта во битката за европскиот трофеј ќе играат и Динамо Волгоград и Ларвик и веројатно Будуќност, тим што има голема предност од 28-22 пред утрешниот реванш меч во Подгорица со Виборг.

vardar-gerg-10

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top