| четврток, 6 декември 2018 |

Штербик и Брумен едногласни: Кјелце е опасен противник

Арпад Штербик и Матјаж Брумен се подготвени за големиот испит и предизвик наречен Кјелце, а вардаровата експедиција посакува да се оствари сонот и „црвено-црните“ да се пласираат на фајналфор турнирот во Келн, како прва македонска машка екипа што настапила на завршницата во битката за трофејот во Лигата на шампионите.

Последна пречка кон целта е полскиот првак Кјелце, екипа што во овој циклус забележа 11 победи на 12 меча. Ги порази само Монпелје во реванш натпреварот од осминафиналето.

Се создаде еуфорија кога го добивме Киелце за противник во четвртфиналето, но за мене навистина нема разлика, бидејќи полскиот првак не е ништо послаб од Барселона, ниту пак од Кил. Видете ги само играчите што ги имаат во своите редови, згора на тоа на клупата е легендарниот Талант Душебаев и се ќе ви стане јасно. Бековите им се особено опасни бидејќи без проблем постигнуваат голови од преку 10 метри. Ако излезете барем малку понапред со зоната тогаш проработува Агинагалде или пак се шири играта до крилата. Како што реков, противникот е навистина сериозен, а ние ќе мораме да најдеме начин да одиграме одлична одбрана, па потоа од неа да произлезат лесни голови од противнапади“, вели извонредниот голман на Вардар, Арпад Штербик.

Првиот дуел од четвртфиналниот двомеч ќе се игра денеска од 19 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Новата вардарова тврдина тешко се освојува, а во бедемот ќе биде и Брумен кој се враќа во строј по повредата.

„Кјелце е екипа што заслужува фајналфор според квалитетот, но и ние имаме идентични амбиции. Според мене Полјаците играат подобро на гостински терен и ќе мора да внимаваме многу на денешниот дуел. Го имаат еден од најдобрите тренери на светот и поединци кои се екстра квалитетни. Бунтиќ, Бјелецки и останатите бекови шутираат разорно од далечина и тие се најголемата опасност. Ќе мора да одиграме цврста одбрана за да се надеваме на успех“, вели Брумен.

Вардаровиот ракометен фестивал на Велигден ќе почне во 16,30 часот, кога женскиот тим ќе го почне реванш дуелот со Ѓер, а двојната празнична програма ќе продолжи од 19 часот со мечот меѓу Вардар и Кјелце.

vardar-wisla-20

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top