Ангела Меркел со своите 216.300 евра годишна бруто-плата заработува помалку од менаџерите на државните институции во фирмите, пренесува таблоидот „Билд“, со укажување дека директорот на Сојузниот кредитен институт за обнова, Урлих Шредер, во 2013 година имал заработка од 1,04 милион евра.
Шефот на сојузната печатница Урлих Хаман заработил 599.268 евра, директорот на аеродромот во Минхен, Михаел Керклох, заработил 453.481 евра, неговиот колега од аеродромот во Келн, Михаел Гарвенс, заработил 383.896 евра, а директорот на агенцијата за финасии, Тамо Димер, заработил 365.226 евра годишно.
Укажувајќи на тоа дека Меркел е канцеларка и шеф на сите сојузни државни институции и фирми во Германија, „Билд“ пишува дека од неа повеќе заработува и директорот на Сојузната служба за сигурност на летовите, Клаус Дитер Шеурле, со бруто-плата во 2013 година која изнесува 346.529 евра, како и директорите на Управата за рударство и уште неколку директори на различни сојузни служби.
Кога станува збор за германските менаџери на слободниот пазар и приватниот сектор, германската јавност „вртела со глава“ кога се дознало дека главниот менаџер на автоконцернот „Фолксваген“, Мартин Винтеркорн, годишно заработува 14,5 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.