| четврток, 6 декември 2018 |

Петгодишниот Давид го победи туморот, за Велигден си оди дома

AcibademSisitinaDavid-3-7cb78026a8

Петгодишниот Давид Домазетовски од Битола ја доби битката против туморот на мозок и по четири месеци третмани, за Велигден си заминува дома. Тој вчера го заврши последниот, од вкупно 31, зрачен третман на трилоги. 

Давид Домазетовски на 22 декември 2014 година беше ургентно хоспитализиран, по дијагноза на тумор на мозокот со големина на јајце. И покрај високиот ризик од интервенцијата, проф. д-р Јовица Угриновски во болницата „Аџибадем Систина“ успешно го отстрани туморот. 

david domazetovski

Ако следиме медицински правила, Давид не требаше да се оперира. Тоа е како да оперираш мртов човек. Но, мојот инстикт и искуството ми дадоа за право, и покрај тоа што шансите за преживување беа еднакви на нула, да влезам во операциона сала и да оперирам. Што беше пресудно? Пресудното беше брзината на интервенцијата. Фактот дека ситуацијата се влоши во 2 часот наутро, а ние влеговме во сала во 3 часот наутро, само еден час по случката, што ми будеше надеж дека ќе го излечам. Операцијата траеше околу 4 часа, се извади целиот тумор и почна голготата која траеше со месеци. Да се ослободи од машината, да почне сам да дише, да добие движење на рацете и на нозете. Вклучени беа сите екипи, првенствено анестезиолозите, физикална терапија – објаснува д-р Угриновски за cancertreatment.mk.

AcibademSisitinaDavid-5-39a08314c9

По 45 дена, Давид ги отвори очите

Секој ден беше нова искра надеж за мајката Ана, таткото Михајло и за целиот персонал дека Давид ќе ги отвори очите.

45 дена беше на апарати, секој ден го чекавме да се разбуди. Бевме големи оптимисти и веруваме, имавме голема надеж и верба. Бевме со мисла дека сето тоа е нормално. Секое утро доаѓавме во 8 часот тука, влегуваме позитивни и насмеани. Постојано му зборувавме, му пеевме, му пуштавме музика. Целиот персонал беше насмеан и наклонет кон него. Имаше атмосфера како ништо да не се случува. Имавме дозвола од професорот постојано да бидеме покрај него, постојано да му зборуваме и да го храбриме. Едноставно, да нѐ чувствува. Професорот Угриновски доаѓаше секој ден по неколку пати за да го види и чекаше дали тој ќе закашла. Еден ден додека разговаравме со него, Давид се закашла. Професорот кога го чу тоа, само силно извика браво и беше многу среќен. Тоа беше моментот кој го чекавме. Давид надмина сѐ. Тој почна да ги отвора очите на 45 ден – со солзи на очите Ана Домазетовска се потсеќа на тешките моменти од интензивното лекување на Давид.

Од тој ден, Давид храбро се бореше. Полека секој ден сѐ повеќе и повеќе напредуваше. Сега го чека нова битка. По неколку недели Давид треба да се врати за да почне со хемотерапискиот третман.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top