Постојат неколку распространети митови за водата што се шират наоколу како факти и многу луѓе ги земаат здраво за готово. Во многу програми за слабеење се препорачува задолжително пиење осум чаши вода дневно, но не се напоменува дека секој организам е различен и дека водата, како и другите состојки што ги внесуваме во организмот, се прима во количини што се соодветни за секој индивидуално. Ова се најчестите митови и факти за водата:
1. Секој мора да пие осум чаши вода дневно
МИТ: Иако водата е најдостапната и најекономична течност за хидратизација на телото, во последните препораки на Институтот за медицина на САД стои дека жените треба да се стремат кон исполнување на квотата од 2 литра или осум чаши дневно, а мажите кон три литри односно 12 чаши дневно секакви течности (кафе,чај, негазирани безалкохолни пијалаци), не само вода. Не се знае од каде се појавил митот „осум чаши вода дневно“, но се претпоставува дека е еквивалентот на течности според препорачаната количина на калории што треба да се примат во еден ден. Некаде по пат „течности“ преминало во „вода“.
2. Со пиењето вода се исфрлаат токсините од телото
ФАКТ: Водата не ги неутрализира токсините, но бубрезите ја користат водата за да се ослободат од одредени штетни материи. Ако не пиете доволно вода бубрезите нема да имаат доволн количество течност што им е потребна за да си ја вршат функцијата. Ако телото нема доволно вода, нема да може ефикасно да се исфрли целиот метаболичен отпад. Тоа значи дека телото ќе ги задржува токсините наместо да ги исфрла како што е правилно за здраво функционирање на организмот.
3. Ако пиете многу вода кожата ќе ви биде свежа
МИТ: Порано се верувало дека пиењето вода резултира со одржување младешка, свежа кожа, но фактите покажуваат дека количеството на вода што ќе го испиете најверојатно има многу мала поврзаност со изгледот на вашата кожа. Освен ако не се работи за сериозна дехидратација на целиот организам, пиењето огромни количества вода нема да спречат сушење на кожата. Во основа, влажноста на кожата не ја одредуваат внатрешни фактори. Напротив, надворешните фактори како редовното чистење на кожата, животната средина, бројот на лојни жлезди и нивната функција одредуваат колку е или ќе биде сува кожата. Водата што ја пиете нема да стигне до епидермот (надворешниот слој на кожата).
4. Пиењето вода помага при слабеење
ФАКТ: Самото пиење вода не предизвикува слабеење, но помага во процесот. Водата е замена за другите течности што содржат калории за време на диетата и со тоа помага да се намали вкупниот број на внесени калории. Исто така предизвикува чувство на ситост, што значи дека ќе јадете помалку. Водата, особено ладната вода, може да игра улога во забрзувањето на метаболизмот. Едно истражување спроведено во Германија покажа дека кај испитаниците било забележано забрзување на метаболизмот (брзината со која се согоруваат калориите) за 30 отсто откако се напиле околу 500 мл. вода.
5. Мора да пиете спортски пијалаци, а не вода, кога спортувате
МИТ: Спортските пијалаци можеби имаат попривлечни рекламни лкампањи, но всушност водата е сè што ви треба за да ги внесете потребните течности кога се занимавате со физичка активност на кое било ниво. Соодветните течности, особено водата, се најважни за спортистите и рекреативците на која било возраст и се најважен начин за транспортирање на сите хранливи состојки, а исто така со потењето на течностите се исфрла вишокот топлина при вежбање. Спортските и витаминските напитоци можеби имаат поубав вкус, но не се неопходни за хидратација и се многу поскапи од водата. Луѓето кои трчаат на маратони или се натпреваруваат во напорни физички активности можеби имаат потреба да ставаат додатоци во водата за да го амортизираат губењето на сол преку прекумерното потење на подолг временски период. Меѓутоа ова не важи за луѓе кои повремено или рекреативно се занимаваат со физичка активност како џогирање, фитнес и слично.
6. Можно е да пиете премногу вода
ФАКТ: Луѓето со одредени здравствени состојби и болести може да се изложат на ризик и компликации ако пијат премногу вода. Луѓето со срцеви болести, висок крвен притисок или отоци во долниот дел на нозете треба да одбегнуваат прекумерно внесување вода. Ако имате историја на болести на бубрезите, посебно ако сте правеле трансплантација на бубрег, консултирајте се со доктор пред да го зголемите дневното количество на вода што го внесувате во организмот. Докторите исто така препорачуваат дека не треба да пиете многу вода додека јадете бидејќи на тој начин се раствора стомачната киселина и може да предизвика отежнато варење.
7. Пластичните шишиња не се за повеќе употреби
ФАКТ: Пластичните шишиња за вода може да бидат ризични за луѓето кои дополнуваат вода во шишето во кое дотогаш пиеле. Овие шишиња испуштаат хемикалии во водата по неколку употреби. Ако не е исчистено како што треба на устинката на пластичното шише може да насоберат бактерии.
Извор: Пиксел.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.