Мисијата на САД во Организацијата за безбедност и соработка во Европа изрази задоволство од постигнувањето договор меѓу македонските партии за одржување на локалните избори и потсетува дека слободните и фер избори се камен-темелник на секоја демократија.

Во соопштението потпишано од заменик-амбасадорот на Мисијата на САД во ОБСЕ, Гери Робинс, се повикуваат македонските власти и сите граѓани да обезбедат изборите да бидат ослободени од какво било насилство и притисоци.
– Задоволни сме што видовме дека лидерите на разните политички партии во Македонија беа подготвени да постигнат конструктивен договор, кој овозможи изборите да се одржат како што првично беа закажани. Сакаме да се заблагодариме на ОДИХР за организирање на мисијата за процена на потребите и, потоа, тимовите за долгорочно и краткорочно набљудување на изборите, и упатуваме благодарност до државите кои придонесуваат до овие мисии. Како дел од нејзиниот напредок кон зголемена евроатланска интеграција, Македонија би требала да продолжи да ги консолидира демократските реформи и да ги засилува своите демократски институции. Слободните и фер избори се камен-темелник на секоја демократија. Ги повикуваме македонските власти и сите граѓани да обезбедат изборите на 24 март да бидат навистина слободни, фер, транспарентни и слободни од насилство и притисоци – пишува во соопштението на Мисијата на САД при ОБСЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


