Најдобриот начин да се решат проблемите со взаемните санкции е да „прекине војната на санкции“, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин по средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Москва.
Путин потсети дека Русија и Грција секогаш имале многу добри односи, но Грција како членка на Европската унија била принудена да гласа за санкциите против Русија, а соодветните мерки на Москва за забрана на увоз на земјоделски производи од ЕУ и нанесоа удар на Грција, бидејќи овие стоки изнесуваат 50 проценти од нејзиниот извоз за Русија.
-Ние не можевме да постапиме поинаку, не можеме да правиме исклучоци за која и да е одделна земја од Европската унија, забележа рускиот претседател.
Путин, истовремено, кажа дека една од можностите за решавање на овие проблеми е соработката со Грција во областа на земјоделието и преработвачката индустрија под форма на заеднички фирми.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас, од своја страна, изјави дека Грција целосно ги разбира соодветните мерки на Русија како одговор на санкциите од страна на ЕУ, „со чија логика Атина не е согласна“.
Ципрас подвлече дека санкциите не можат да бидат решение за економската војна и можат да доведат до „Студена војна“ меѓу Западот и Русија. Тој додаде дека взаемните ограничувачки мерки не ги решаваат проблемите и треба да се прекинат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


