Писмената размена меѓу Јавното обвинителство и Европската комисија со содржина „повелете – не благодарам“, всушност, беше домашна задача од меѓународната заедница за опозицијата да ја смири топката со омаловажувањата кон Обвинителството и судството во целина. Дописот од ЕК го содржи и одговорот на сите дополнителни прашања кои опозиционерите сакаат да ги наметнат со различни толкувања, повторно со намера да го девалвираат судскиот систем.
„Единствено надлежно тело да ја цени објективноста или транспарентноста на активностите на јавните обвинители е судот од прва инстанца и во случај на жалба Апелациониот суд“. Оваа реченица од ЕК ја испраќа пораката дека Обвинителството е само една страна во судскиот процес. Втората порака што ја содржи овој одговор е дека Европската комисија, како претставник на меѓународната заедница, нема да дозволи опозицијата да ја навлече на една или друга страна во процесот, и тоа уште додека делото е во подготовка во Јавното обвинителство.
Всушност, Европската комисија порача да не се врши притисок ниту врз Обвинителството ниту врз неа. А дека сето тоа е кристално јасно и во опозицијата, можеше да се заклучи од настапот на Рената Треневска-Десковска кога беше упатено барањето од Јавното обвинителство. Таа на една телевизиска дебата се побуни зошто биле побарани експерти-набљудувачи, без можност да сугерираат. Секако, таа застана зад политичкото барање за смена на јавниот обвинител, па посочи дека таквата форма на барање не значи ништо, односно значи пасивно набљудување додека процесот го водат некредибилни луѓе.
Тоа што го знаат и правниците и политичарите во опозиција е дека во Македонија обвинител и судија не може да биде странец. И тој закон не е само македонски, туку е европски закон што е применет во сите држави. Да се бара плеткање на странци во Обвинителството и во судството значи да се врати државата во една форма на протекторат во кој една или сите три власти се под директна меѓународна управа. Политички да се бара смена на јавниот обвинител, а притоа да се бара и странска интервенција во Обвинителството се толкува како директно повикување на Комисијата од Брисел да им помогне во таа намера.
Владеењето на правото е домашна задача
Тие што ги познаваат кривичното право и судскиот систем, како и тие што го познаваат европското право, посочуваат дека таквите барања од опозицијата се само форма на притисок врз Обвинителството и врз судот пред јавноста, и тоа уште пред да почнат процесите во кои опозицијата е и подносител на пријави, од една страна, и обвинета, од друга страна, преку вмешаност на нивниот лидер во друг процес кој се води во Обвинителството. Ниедно Јавно обвинителство, ниеден суд во државите во Европската унија или во која било друга суверена држава нема закон со кој би дозволила странски државјанин да врши работа на обвинител или на судија. Дури и во протекторати, странците се тие што само подучуваат, укажуваат при истрагите на домашните обвинители или, пак, се дел од судски совет во еден процес, но, сепак, не можат да се на местото на главен судија. Затоа и во дообјаснувањето од Комисијата се наведуваат законските рамки и ограничувањата за учество на странски експерти во процесот во Македонија.
Состојбата се објаснува многу едноставно. Во секој судски процес, па и во тие во кои е дел Јавното обвинителство, влегуваат две странки. И по пресудата, која се темели на обвиненија и на одбрана пред судот, повторно се јавуваат две страни – таа што го добила и таа што го загубила спорот или, преносно, задоволна и незадоволна страна. Незадоволните имаат право да се лутат, како што вели и народната мудрост, со тоа што може да си ја побараат правдата пред повисоки судови. Дури и кога ќе се исцрпат правните лекови во една држава, има можност да се бара правдата пред меѓународните судови. Тие за тоа и постојат.
Барањето на македонската опозиција пренесено на европски терен би значело дека секој што би бил повикан пред суд во европските држави или за кого Јавното обвинителство повело истрага, да повика експерти од страна во судскиот систем за да го тргнат сомнежот за некакво политичко, економско, расно, полово влијание. Во тој случај не би требало да се оди натаму по првостепениот процес, ниту да се остава потреба/можност за жалба. И, секако, никому не му е јасно зошто тогаш би постоеле меѓународните судови кои би донесувале одлуки кога работата многу полесно би се завршувала „на прва“ – со експерти што би патувале низ континентот.
ЕУ и македонското судство
Според Уставот, судската власт е независна и се спроведува преку судовите. На врвот на судскиот систем се Врховниот суд и Судски совет. Врховниот суд е највисок суд и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите. Судскиот совет е самостоен и независен орган на судството, кој ги обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Но, тоа не значи дека македонскиот судски систем е надвор од секаква соработка со меѓународните институции кога станува збор за истраги. Македонија соработува со Европската агенција за правда – Евроџаст. Основната мисија на Европската агенција за правда е зајакнување на ефективноста на институциите на земјите-членки надлежни за истрага и гонење сериозни облици на транснационален и организиран криминал. Преку Агенцијата се врши ускладување на заедничката борба против организираниот криминал, трговијата со луѓе, борбата против тероризмот, екстрадицијата на обвинети, следењето на извршувањето на европските судски налози и други дела. Познавачите велат дека договорот со Европската агенција за правда бил нужен предуслов за да се симне шенгенскиот ѕид пред Македонија. Според тој договор, се предвидува размена на податоци, но не и водење заеднички истраги.
Тоа што е веројатно е дека додека трае процесот за „Пуч“, Европската комисија ќе остане во законските рамки да не се меша во истраги или постапки во тек, а потоа е можно да даде евентуални препораки како би се подобрила ефикасноста и независноста на судскиот систем. Веројатно е и дека во блиска иднина опозицијата ќе продолжи со политиката на оцрнување на тоа што се нарекува владеење на правото, негирајќи ја независноста на судството и на Јавното обвинителство додека поднесува нови претставки против членови во власта. Дали ќе ја разбере пораката од Брисел да не се обидува да ги вмеша во играта, тоа засега не може да се претпостави.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 135. број на неделникот „Република“, 3.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Лозаноска: И сто договори од Преспа се џабе, ако судиите се зависни
-
ЈO ќе ги гони оние кои фотографираат гласачи и го попречуваат гласањето
-
ЈО ќе ги следи евентуалните противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот
-
Напаѓачите на Никола Саздовски се бранеа со молчење пред обвинителот