Кремљ се соочува со стотици, а понекогаш и со илјадници кибернетски напади дневно, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
– Кремљ е цел на шпионски кибернетски активности неколку стотици пати дневно – истакна Песков. – Некогаш има и илјадници напади, обиди да се попречи функционирањето на компјутерските системи и интернет-страниците, да се воспостави контрола врз некоја страница, таа да се хакира – рече Песков.
Тој истакна дека мошне често хакерите нападите врз Кремљ ги вршат од странство и како пример го наведе годишното телевизиско обраќање на шефот на државата Владимир Путин, во кое рускиот претседател во живо одговараше на прашањата на гледачите.
– Обидите да се спречи директната линија, а тоа е мошне сложен телекомуникациски настан, претежно пристигнуваа од странство – рече Песков.
Надградениот официјален сајт на Кремљ беше цел на напад на хакерите претходно во текот на денов, а според Песков тоа секојдневно се случува.
– Сите кибернетски напади внимателно се следат. Воспоставивме заштита, за тоа се одговорни специјални агенции и тоа тие го прават мошне ефикасно – додаде Песков.
Американската телевизија Си-Ен-Ен претходно јави за упад на руски хакери во чувствителни делови на компјутерскиот систем на Белата куќа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.