| четврток, 6 декември 2018 |

Џихадистите на пет километри до палатата на Асад

џих

По преземањето на речиси целосна контрола врз палестинскиот бегалски камп „Јармук“ крај Дамаск, припадниците на џихадистичката група Исламска држава се доближија на само пет километри до палатата на сирискиот претседател Башар ал Асад, објавија западните медиуми.

Џихадистите на ИД, заедно со припадниците на исламистичкиот Фронт Ал Нусра, контролираат околу 90 проценти од бегалскиот камп „Јармук“, каде во моментов во заложништво држат околу 18.000 лица, во најголем број Палестинци.

Ал Нусра, која важи за огранок на Ал Каеда во Сирија, досега беше во судир со ИД, но лидерите на исламистичкиот фронт се согласија на соработка со џихадистите со цел заедно да се пробијат до сирискиот главен град.

Сепак, раководството на Ал Нусра соопшти дека ја „задржува неутралната позиција“ и покрај повремените заеднички акции, но и судири со ИД.

Околу кампот „Јармук“ во моментов се водат жестоки борби, откако сириските владини сили тргнаа во контраофанзива против исламиситите, со цел да ги спречат нивните обиди за приближување до Дамаск.

Неодамна, анонимен американски официјален претставник предупреди дека доколку џихадистите преземат контрола над Дамаск, тогаш на нивни удар би можела да се најде и Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top