| четврток, 6 декември 2018 |

Конзервативците на Камерон во минимално водство пред лабуристите

камерон

Конзервативната партија на актуелниот британски премиер Дејвид Камерон има минимално водство пред опозициската Лабуристичка партија на Ед Милибанд, покажува истражувањето на агенцијата „Југав“ за неделникот „Сандеј Тајмс“.

На прашањето, за кого ќе се определите на изборите на 7 мај, 34 отсто од анкетираните Британци се изјасниле за конзервативците, додека 33 проценти се определени за лабуристите.

На претходното испитување, направено пред десет дена на почетокот од предизборната кампања, Милибанд и неговите лабуристи имаа предност од три отсто пред ториевците.

Во најновото истражување на „Југав“ на трето место е евроскпетичната Партија за независност на Обединетото кралство (УКИП) на Најџел Фараж, за која би гласале 13 отсто од Британците.

Либералните демократите на актуелниот заменик-премиер Ник Клег се четврти, со подршка од десет отсто, а потоа со по пет процнети следуваат двете националистички партии – Шкотската национална партија (СНП) и велшката Плаид Кимру. Партијата на зелените има подршка од четири отсто од гласачите, додека сите други партии кои ќе учествуваат на мајските парламентарни избори заедно имаат подршка од само 1,1 отсто.

Анкетата покажува и дека вработените во големите компании повеќе би сакале ториевците на Камерон да продолжат да управуваат со земјата, а така мислат и оние кои имаат свој мал бизнис, додека работниците во малите компании и во малиот бознис сакаат промена и повеќе им веруваат на економските мерки на опозициските лабуристи.

Ова истражување ја потврди од порано изнесената прогноза дека изборите ќе бидат неизвесни како ретко кога досега, како и дека ниту една партија не ќе може да смета на убедлива победа што ќе и гарантира сама да ја формира новата влада.

Во изборниот штаб на конзервативците резултататите од истражувањата на „Југав“ се примени со задоволство, особено што доаѓаат по најавата дека шестмина досегашни пратеници од партијата на Дејвид Камерон ќе преминат во УКИП. Своето бегство во конкурентската партија, тие го објаснуваат со нивното несогласување со политиката на Камерон кон имиграцијата од ЕУ и одлагагањето на антиевропскиот референдум, до крајот на 2017 година.

Во разговор за „Сандеј Тајмс“ Фараж изјави дека „стравот“ на Камерон од референдумот, покажува дека конзервативците „се прекршени“, што, според него, се гледа и од бегството на досегашните ториевски партеници. Според Фараж, тие веруваат дека имаат повеќе шанси да останат и натаму пратеници како кандидати на УКИП на изборите, отколку како кандидати на конзервативците.

Истражувањето на „Југав“, сепак, покажува пад на рејтингот на УКИП во споредба со крајот на минатата година, кога во еден момент оваа антиевропска и антиимигрантска партија имаше подршка од 20 отсто од гласачите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top