Вечер на полноќ завршува изборната кампања за локалните избори, што ќе се одржат в недела, на 24 март. Утре и на денот на гласањето е изборен молк.
Гласањето почнува в недела, на 24 март, во 7 часот и ќе трае до 19 часот. Локалните избори ќе се одржат во 80 општини и во градот Скопје. Поднесени се 350 листи за градоначалници и 480 листи за советници. На советничките листи се кандидирале 8.528 лица.
За градоначалник и за Совет на главниот град Скопје своето право на глас можат да го искористат 443.770 граѓани запишани во единствениот избирачки список на 536 избирачки места.
Еден ден пред изборите, утре, своето право на глас во казнено-поправните домови ќе го остварат 1.446 избирачи, а надвор од местото на живеење 136 избирачи со статус на внатрешно раселени лица, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица што го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Државната изборна комисија вчера ги предаваше избирачките ливчиња на општинските изборни комисии, кои, пак, се должни еден ден пред изборите да го предадат изборниот материјал на избирачките одбори, односно најдоцна до полноќ на 23 март.
Локалните избори, според ДИК, ќе ги набљудуваат 410 странски и 8.379 домашни набљудувачи.
Ова се шести локални избори во Македонија. Првите се одржаа во 1990 година, следните во 1996, во 2000, во 2005, а последните во 2009 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.