Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади денеска изјави дека Владата во Багдад заеднички ќе работи со курдските власти за ослободувањето на северната провинција Ниневија од екстремистичката група Исламска држава, пренесоа британските медиуми.
-Нашата денешна посета на Ербил има за цел да се постигне координација и соработка за заедничкиот план за ослободување на луѓето во Ниневија – изјави премиерот Ал Абади на прес конференција за време на својата прва официјална посета на курдскиот регион по стапувањето на премиерската должност, минатата година.
Ал Абади вети дека по протерувањето на Исламска држава ќе ги заштити сопственоста и правата на луѓето кои живеат на териториите заземени од џихадистите, од секаква форма на одмазда, пренесоа американските медиуми.
Доброволните шиитски милиции се борат едни крај други со ирачките војници и се смета дека досега одиграа важна улога во протерувањето на екстремистите од Исламска држава од Тикрит и од другите градови.
Милициите поддржани од Иран, меѓутоа, се обвинувани и за грабежи и вандалства во освоените сунитски градови. Ал Абади призна дека во Тикрит се изгорени десетици куќи и продавници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.