Музејот на вкусови веќе станува реалност во Кавадарци. Објектот во кој се собрани минатото и традицијата на овој град наскоро ќе стане достапен за сите кои сакаат да го запознаат градот. Зградата на поранешниот младински дом е целосно реконструирана. Веќе се направени и музејските поставки. Собрани се околу 500 експонати. Се очекува овој музеј, единствен од таков вид во земјава, да биде атракција за регионот, но и за добронамерниците кои ќе дојдат во градот на грозјето и виното.
Куќата на вкусовите и мирисот е инвестиција од прекуграничната соработка меѓу Македонија и Грција во рамките на програмата на ИПА на ЕУ. Партнер на Општина Кавадарци во овој проект „Гастрономските патишта на Кајмакчалан – Кајмак“, вреден 70.000 евра, е грчката општина Воден или сегашна Едеса. Локалната самоуправа дополнително обезбеди 1,4 милион денари за изградба на музејот.
Како што информира директорот на Музеј-галерија Кавадарци, Петре Камчевски, останува да се доуреди просторот во музејот, но и дворот. Музејот ќе биде поделен во неколку делови, во кои ќе биде претставена постапката за подготовка на храната во Тиквеш, од неолитот, преку античкиот и византискиот период, сѐ до времето на османлиското владеење кога и подготовката на лебот и погачите имала посебно значење.
– Има многу интересни експонати, дел се наши, а зедовме и од други музеи, но и од приватни колекционери, од Драганчо Димовски, семејството Велкови и други. На едно место ќе бидат поставени експонати од областа на археологијата, етнологијата, но и многу историски предмети. Има предмети од неолитот пронајдени во археолошкиот локалитет кај селото Ресава. Тоа се камени секири. Од античкиот период има глинени садови, од средниот век садови за подготовка на храна. Посебен белег на музејот ќе дава подрумскиот дел каде што се сместени експонати од првата винарница на семејството Велкови од 1875 година – рече директорот Петре Камчевски.
Тој објаснува дека во подрумскиот дел ќе има поставено преса, „муљач“ за мелење грозје, кој во тоа време бил единствен од таков вид што го поседувало семејството Велкови, а го викале ламја бидејќи можел да собере одеднаш еден кош грозје. Исто така, ќе има и петнаесетина вина и ракии кои датираат од периодот меѓу двете светски војни, буриња, букариња или вкупно 500 експонати.
– Посетителите ќе можат да се запознаат со начинот на кој се обработувала земјата и каква храна се јадела во разните периоди од историјата во овој регион. Има и садови со релјефни прикази на баханалии и богот на виното Дионис. Сите овие етнолошки предмети имаат огромна вредност, а производството на традиционалната храна малку е изучувана – вели Камчевски.
Отворањето на музејот беше првично најавено за минатата недела, но поради кампањата за локалните избори, тој ќе биде отворен по завршување на вториот изборен круг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Митко Јанчев: Јас слушам „Металика“, не беше мој избор да пее Цеца во Кавадарци
-
Зоран Заев во Кавадарци: Грозјето не е од татко ми или дедо ми, мора да се цени трудот на лозарите
-
Кавадарци ќе добие унифицирани такси возила
-
Македонија ќе победи: Мисајловски, Јанушев и Трајановски го придружуваа Мицкоски на чело на поворката во Кавадарци (фото)