Изборите ќе бидат фер и слободни со минимални проблеми и тие покажуваат дека Македонија е само уште една нормална европска земја, ништо повеќе ниту помалку, оценува аналитичарот Џејсон Мико, за текот на кампањата за локалните избори во Македонија за програмата „Порта“ на сателитскиот канал на МТВ.
Според него, во Македонија, како и во многу други земји, вклучувајќи ги и САД од каде што доаѓа, се води тешка и жестока политичка битка.
– Остри зборови се користат и фрлаат наоколу, се користат многу негативни реклами и пропаганди и чувствата на луѓето се повредуваат. Меѓутоа, тоа е политичката арена во Македонија, во САД, во Велика Британија, насекаде. Тоа е природата на битката. Но, она што е важно, е ова: Кои се платформите на партиите, сите партии, без разлика дали леви или десни, македонски, албански, турски, српски, ромски или други? Кои се кандидатите што им кажуваат на граѓаните што ќе се направи за нив во нивните општини, градови, гратчиња и села? Какви завети и ветувања се дадени? Дали се тие разумни? Дали тие завети и ветувања може да се спроведат? Дали се тие добри за општеството? Овие се важните нешта за оваа кампања, за секоја кампања. Луѓето в недела ќе пресудат кој има најдобар план за придвижување на Македонија напред. Исто така, многу е важно да се погледне во минатото, кои партии, еднаш избрани во владата на локално или национално ниво во изминатите избори, ја придвижија Македонија напред – вели Мико.
Прашан за мислење за опозицискиот лидер и неговата политика, тој посочува оти ја следи политиката во Македонија речиси 17 години, во тој период слушнал многу реторики од сите страни, но посочува и на правило во политиката: „кога една партија ја губи силата, типично е за лидерот на партијата да се повлече, да даде можност некој друг да ја води таа партија и да ја врати на власт, и гордо да се повлече од политичката сцена“.
– Бранко не го направи тоа, ниту ќе го направи. Неговото его е преголемо. Најважното нешто во животот на Бранко Црвенковски е …. Бранко Црвенковски. Неговите интереси се насочени само кон него. Тоа е лошо за Македонија. Бранко четири пати досега загуби на националните избори, во 1998, 2006, 2008 и во 2011 година. Кога тој ќе замине? Покрај тоа, какви се неговите политики за придвижување на Македонија напред? Што постигна неговата партија додека беше на власт? Повторно, погледнете ги активностите во минатото за да ги утврдите идните очекувања, порачува американскиот аналитичар.
Според него, оваа опозиција не ѝ помага многу на Македонија во моментов, но ја подвлекува и потребата од лојална опозиција во секоја земја.
– Кога зборуваме за лојална опозиција, мислиме на тоа дека треба да биде лојална на државата, дека треба да поднесува предлози што мисли, дека, според нејзината идеологија, ќе бидат добри за земјата. Но, оваа опозиција повеќе се стреми кон уривање отколку кон градење. Кои се конкретните предлози на опозицијата за придвижување на Македонија напред? Кога тие седат надвор од парламентот тие не предлагаат ништо и, всушност, блокираат сѐ. Тоа не е дефиниција за лојална опозиција – вели Мико.
Во врска со можноста за предвремени избори во Македонија, не е сигурен дека ќе се случат, како и дека во моментов луѓето се уморни од избори и кампањи и последното нешто што би сакале се уште едни избори
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.