Во интервјуто за весникот Вечер, актуелниот и кандидат за градоначаник на Битола Владимир Талески најави довршување на веќе започнатите проекти, индустриската зона Жабении, инвестиции, а адути му се проектите за топлификација и гасификација на Битола.
На прашањето: „Кои се вашите планови за економски развој на општината и намалување на невработеноста?“, Талески вели:
– Ако некој има добар проект за намалување на невработеноста, тоа е Општина Битола. Веќе неколку години вложуваме во индустриската зона Жабени. Во насока на подобрување на условите за привлекување на домашни и странски инвеститори во идниот период продолжуваме со доизградба на индустриската зона Жабени како и понатамошно подобрување на инфраструктурата во зоната. Во фабриката на Кромберг и Шуберт во индустриската зона Жабени веќе работат 300 наши граѓани, а поред очекувањата во 2013 год ќе има вкупно 1000 вработени, а до 2014-15 ќе има вкупно 2500 вработувања. Дотогаш ќе има уште неколку нови фабрики кои исто така предвидуваат нови вработувања. Оваа година очекуваме да почнат да се градат уште најмалку 5 фабрики. Продолжуваме со создавање на услови во старата касарна, денес Златен рид. Веќе имаме нови инвеститори кои градат таму. Продадени се и други парцели кои за скоро ќе имаат нови градби. Таму планираме сосема нова инфраструктура, бидејќи тоа ќе биде нова населба со современи градби и потполно нови објекти. Се работи за површина од 103 хектари и навистина треба да се направат големи зафати. Планирани се 20 нови високоградби (згради) 175 куќи, трговски центри, хотели, училишта, градинки, филмски град, вотерленд, нови спортски терени, паркови..
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.