| четврток, 6 декември 2018 |

Можни се нови апсења на пратеници во албанското собрание

По второто одземање на имунитетот од страна на Собранието на Албанија на пратеникот Марк Фроку и неговото апсење како осомничен за убиство во Белгија, а кој според надлежните во Обвинитеството бил осуден и во Холандија на три години затвор за трговија со дрога, медиумите во Тирана јавуваат дека се можни нови апсења на други пратеници.

По пресметката што ја има новата влада на Еди Рама, но и силниот притисок на странските дипломати во Албанија, кои тврдат дека земјата треба да расчисти со криминалитетот во институциите, се очекуваат нови апсења на видни функционери меѓу кои има и пратеници, тврди албанскиот печат. Меѓу тие кои се спомнуваат за корупција се и експретседателот и експремиерот Сали Бериша, кој сега е пратеник.

Медиумите наведуваат дека јавното обвинителство подготвува досиеја за повеќе видни личности, кои имаат милиониски заштеди преку криминални дејствија, при што најчесто се спомнува трговијата со дрога, перењето пари, како и организирање трговија со луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top