Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистира секоја спогодба што ќе се склучи како резултат на преговорите за иранската нуклеарна програма значително да го намали нуклеарниот капацитет на Техеран, пренесоа француските медиуми.
– Секоја спогодба ќе треба значително да го намали нуклеарниот капацитет на Иран и да го запре нејзиниот тероризам и агресија – се наведува во изјавата на Нетанјаху на „Твитер“ непосредно пред објавувањето на политичкиот договор во Лозана.
По соопштувањето на резултатите од преговорите во Швајцарија израелскиот министер за разузнавање и стратегиски прашања Јувал Штајниц рамковната спогодба ја оцени како нефункционална, пренесоа британските медиуми.
– Насмевките во Лозана се откинати од мрачната сегашност во која Иран одбива да направи каков и да било компромис за нуклеарното прашање и продолжува да му се заканува на Израел и на другите земји од Блискиот Исток. Ќе продолжиме со нашите напори да му објаснуваме и да го убедуваме светот со надеж дека ќе спречиме лоша (конечна) спогодба – рече Штајниц.
Израелскиот министер за економија Нафтали Бенет изјави дека нуклеарната спогодба со Иран е споредлива со напорите на британскиот премиер Невил Чембрлен да го смири Адолф Хитлер пред избувнувањето на Втората светска војна, пренесе ДПА.
– Најрадикалниот исламски терористички режим во светот доби официјален печат на одобрувањето за својата незаконска нуклеарна програма – изјави Бенет на „Твитер“. Тој е член на крајнодесничарската партија Еврејски дом, која ја поддржува политиката на ширење на еврејските населби на палестинските територии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.