| четврток, 6 декември 2018 |

Деца вмешани во нечесни игри на возрасните (видео)

rezil

Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 16 години имаше мошне непријатно искуство на развојниот турнир на УЕФА, што го организираше Гибралтар.

Иако победи на пенали со 5-4 во последниот меч против домаќинот, Македонија го освои второто место, а сѐ што се случуваше на последниот меч од турнирот е голем резил.

Најпрво за нашиот двор и за нашите маки. Не успеавме да ја победиме Малта, ниту Гибралтар, а со Сан Марино славевме едвај со 1-0. Резултати и игри што загрижуваат и што не даваат надеж дека наскоро ќе тргнеме на вистинскиот фудбалски пат за приклучок кон развиениот фудбалски свет.

Потоа она што најмногу загрижува е односот и на самите деца, кои се вплеткани во нечесните игри на возрасните. Вистина е дека примивме гол на нефер начин откако играч на Гибралтар во последната минута искористи невнимание на нашите јуниори и непречен од никого на празна мрежа ни даде израмнувачки гол за конечни 1-1. Ако се знаат правилата на играта, јасно е дека, колку и да не ни е право, голот е регуларен бидејќи нашите репрезентативци предолго се радуваа, а во моментот кога фудбалерот на Гибралтар сам тргнува од центарот сите македонски играчи се на својата половина, што го прави голот регуларен, иако потегот е крајно неџентлментски.

Но, и да примите таков гол што е резил за Гибралтар, па и за УЕФА, недозволив е односот на децата и крајно агресивниот однос во искажување на револтот. Најпрво го славеа голот небаре освоиле Светско првенство, а потоа премногу агресивно и жолчно се расправаа на теренот за примениот гол. А, се работи само за турнир што има пријателски карактер. И играат против селекција што е фудбалско џуџе во европскиот фудбнал и најтазе членка на УЕФА и на ФИФА.

Вината најмногу е кај македонските фудбалски педагози, кои очигледно не успеваат на вистински начин да ги подготват децата уште од мали нозе за витешко и фер однесување. Неправди ќе има секогаш, фудбалот е само игра во која грешат и судиите и играчите и тренерите, но да се „паѓа во несвест“ за примен гол на начин како што тоа го правеа деца до 16 години во македонски дресови на Гибралтар е крајно загрижувачки. Без разлика колку е нефер погодокот и дали домаќинот имал попуст од судијата. За УЕФА е излишно и да се говори. Тоа е организација која често е на тапет за различен аршин кон помалите и поголемите. Односно кон фудбалски помалку развиените земји, наспроти таканаречените големци или гиганти. И на клупски и на репрезентативен план.

Но, овојпат УЕФА не ни е виновна за неприфатливото однесување на децата, кои очигледно се вмешани во валканите игри за фотелји и позиции во нашиот мизерен фудбал. Во фудбал во кој не се избираат средства да се дојде до позицијата претседател, член на Управен одбор, селектор, тренер, координатор…. Потоа резултатите, методите и односот стануваат неважни. Важно е само што подолго да се задржат позициите, без разлика дали страдаат деца или возрасни.

Погледнете го видеото и нашиот резил, нефер односот на играчот на Гибралтар и како УЕФА го развива младинскиот фудбал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top