Три лица од Скопје, од кои двајца се сопственици на приватни фирми и еден управител, се приведени од Финансиската полиција поради постоење основано соменавање дека сториле финансиски криминал од 278.000 евра.
Како што соопшти Финансиската полиција, криминалот што го сториле пријавените е започнат уште во текот на 2010 година кога фирмата „Хема Консалтинг“ од Скопје, инаку фирма сопственост на мајката на еден од пријавените имала потреба од влезни фактури со пресметан ДДВ се со цел да ја намали својата обврска за плаќање на ДДВ-то кое е настанато како резултат на дејноста на фирмата со која таа управувала. За таа цел од фирмата на синот со назив „ЕНТЕРНЕТ ДООЕЛ“ од Скопје биле фингирани вкупно 12 фактури во вкупна вредност од 1.094.000 евра со вкалкулиран ДДВ од приближно 200.000 евра.
Од увидот во трансакциските сметки на правниот субјект „Хема консалтинг“ од Скопје, утврдено е дека парите стекнати од неоснованиот поврат на ДДВ, во неколку наврати биле подигнати во готово по основ на позајмица и материјални трошоци во свое име и како дадена позајмица на други физички и правни лица и до згаснување на правниот субјект „Хема Консалтиг„ истите не се вратени на сметката на фирмата.
Откако ја завршиле операцијата за неоснован поврат на ДДВ и откако стекнатите парични средства биле извадени во кеш од сметката на „Хема Консалтинг“, првопријавениот Д.А(32), во својство на управител со неограничени овластувања во внатрешниот и надворешниот промет на Друштво за компјутерски услуги „ЕНТЕРНЕТ ДООЕЛ“ Скопје и второпријавениот Т.Т(36) во својство на сопственик и овластен потписник на Друштво за компјутерски услуги ЕНТЕРНЕТ ДООЕЛ Скопје, започнале постапка за затскривање на трагите на сторениот финансиски криминал преку префрлување на целокупниот имот на „ЕНТЕРНЕТ ДООЕЛ“ на други блиски фирми за потоа фирмата со сите долгови да се пренесе во сопственост на друго лице.
При истрагата утврдено е дека првопријавениот Д.А свесно и со намера да го затскрие веќе сторениот криминал и да спречи евентуална конфискација на имот доколку бидат откриени, го отуѓил имотот што го поседувал правниот субјект „ЕНТЕРНЕТ ДООЕЛ“ Скопје каде истиот е одговорно лице – управител и на ден 03.01.2011 година за сума од 450.000 евра извршил продажба на недвижниот имот – деловен објект од правниот субјект „Ентернет“ на правниот субјект „САЈБЕРНЕТ ДООЕЛ Скопје“, фирма во сопственот на таткото на второпријавениот Т.Т.
Од извршениот увид во ДДВ пријавите за 2010 и 2011 година за правниот субјект „ЕНТЕРНЕТ“ обезбедени од Управата за јавни приходи, утврдено е дека пријавените Д.А и Т.Т со намера да се стекнат со противправна имотна корист од продажбата на деловниот простор од 500 м2, фактурата за продажбата не ја евидентирале во сметководствената евиденција, при што дополнително не пресметале и не уплатиле ДДВ во износ од приближно 78.000 евра.
Откако целокупниот недвижен и движен имот на фирмата го пренеле на други блиски фирми, второпријавениот Т.Т со цел да го прикрие незаконското работење на правниот субјект „ЕНТЕРНЕТ ДООЕЛ“ Скопје во претходните години и со цел да се стекнат со противправна имотна корист, со Договор за пренос на удел за надомест од 1.000 денари ја пренел сопственоста над правниот субјект „ЕНТЕРНЕТ ДООЕЛ“ Скопје на лицето И.С од с.Долно Количани. Доказ дека преносот на сопственоста на фирмата е само пандан за затскривање на криминалот е и фактот што не е извршена промена на овластените потписниците на банкарските сметки на „ЕНТЕРНЕТ ДООЕЛ“ Скопје т.е за парите на фирмата и понатаму останал одговорен нејзиниот витински сопственик Т.Т.
Уапсените лица по распитот кај јавен обвинител се изнесени пред Судија на претходна постапка кој поради сериозноста на случајот на двајца од осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 ден, а на еден му е определена мерка одземање на патната исправа.
Со оглед на фактот дека второпријавениот по завршување на бизнисот со компјутери станал познат скопски угостител, во насока на целосно расчистување на случајот, Финансиската полиција превзема дополнителни мерки и активности за утврдување дали тој ја продолжил праксата за даночно затајување и во новиот бизнис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.