Преговорите на големите сили со Иран околу ограничувањето на неговата нуклеарна програма, што би и оневозможило на оваа држава да произведе атомска бомба, продолжија изутринава, два дена откако беше надминат предвидениот рок.
Преговорите заглавија во некои клучни детали, иако главните точки од спогодбата се постигнати.
Нацрт-спогодбата предвидува намалување на иранската нуклеарна програма во замена за ублажување на санкциите кон Иран, за кои Техеран бара веднаш да бидат укинати, а големите сили инстистираат тоа да се случува постепено.
Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е посветена на мирољубиви цели, но светските сили се загрижени дека оваа земја би можела да развива нуклеарно оружје.
Американскиот државен секретар Џон Кери и германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер изјавија дека ќе останат барем до четврток во обидите да се постигне политичка спогодба, што ќе претставува пресврт кон конечната спогодба, која треба да биде усвоена до крајот на јуни.
И големите сили и Иран велат дека ги приближиле своите ставови, но двете страни се обвинуваат меѓусебно дека ги одбиваат понудите, кои би можеле да го прекинат застојот. Сите страни се под притисок да не заминуваат дома со празни раце, а портпаролот на Белата куќа во Вашингтон изјави дека дошло време Иран да донесе некои одлуки.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави синоќа дека Иран и шестте светски сили успеале да постигнат прелиминарна спогодба по сите клучни прашања и оти сите страни почнале со изработка на нацрт-текстот на документот.
– Разјаснувањето на „техничките детали“ од конечната спогодба би можело меѓутоа да потрае до јуни, додаде тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


