Новинари, претставници на туристички агенции и тур-оператори од повеќе европски земји од денеска до 5 април ќе престојуваат во Охрид, како дел од промотивната тура за презентација на туристичките потенцијали што ја организира Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид.
На промо-турата, што се одржува втора година по ред, ќе учествуваат новинари од Турција, Русија, Словенија и Србија, како и претставници на туроператори, туристички агенции и туристички работници од Израел, Унгарија, Украина, Австрија, Бугарија и Србија. Дел од посетата ќе бидат и претставници од турската авио-компанија „Јетлифе“.
Учесниците на промо-турата е предвидено да ги посетат сите знаменитости на градот и околината, охридските хотелски капацитети и да остварат средби со нивните менаџменти.
– Целта е Охрид и неговиот туристички потенцијал да биде промовиран во нивните медиуми, но и да се отвори можност за склучување на директни договори за нови туристички пакети и отворање нови авио линии до Охрид. Со организацијата на овој настан, локалната власт става акцент на новиот пристап на промовирање на туристичкиот потенцијал на градот“, велат од општинскиот Сектор за туризам и локален економски развој.
Оттаму информираат дека во тек е и подготовка на нови идејни решенија за туристичко лого и слоган за Охрид, што во иднина би се употребувале во сите промотивни кампањи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.