Секогаш со необични приказни од неговото секојдневие, доцент доктор Златко Јаќовски од Институтот за судска медицина зборува за тоа што го работи. Во Судска медицина влегол сосема случајно, откако желбата да се биде пластичен хирург му станала тешко остварлива, со оглед на тоа дека не можел да дојде до слободно работно место на таа позиција. Вели дека никогаш не ни помислил дека ќе го работи ова што го работи, но се чини, сосема случајно, го нашол местото за кое е роден.
Добивте нови апарати, набавени преку проект на Владата. Колку Судска медицина е задоволна од опремата и од условите за работа?
Јаќовски: Добивме, навистина, совршена опрема од областа на форензичката генетика. Купивме два апарата, едниот за изолација на ДНК-молекулот, другиот е за секвенционирање на ДНК-молекулот. Во тоа време, а и денеска, тие апарати беа врв на технологијата. Ретко некоја форензичка лабораторија во моментот да ги има тие апарати. Бевме втора лабораторија во Европа што добива таква опрема.
Што добивте со новата апаратура?
Јаќовски: Побрзо завршување на анализите, поголема сензитивност на добиените резултати. Кога имаме мала количина изолиран ДНК-молекул со оваа нова технологија може да се добие делумен или целосен профил од некој биолошки материјал подигнат од местото на настанот или во текот на обдукцијата. Ефикасноста во работењето и сигурноста во добиените материјали се зголемија за неколку пати, временскиот рок се скрати многу, ако некој материјал сме го работеле за два-три дена, сега можеме да ги добиеме за еден ден. Воведени се нови технологии, кои овозможуваат да се работат најновите светски научни достигнувања.
Имаме најдобра лабораторија на Балканот, а каде е нашата лабораторија на светско ниво?
Јаќовски: На Балканот сме убедливо најдобри, и технички и од аспект на тоа што го работиме како нови технологии и од аспект на резултатите што ги издаваме. Сега бев во Берлин, каде што нашата лабораторија доби лиценца и каде што се акредитираат најголем број форензички ДНК-лаборатории. Континуирано имаме лиценца од 2005 година, па наваму. За да се одржи лиценцата треба секоја година да се сработат по 14 непознати примероци што ги пуштаат Германците. Се работи на најразлични траги што ги пуштаат – кондоми, гуми за џвакање, тетоважи, бонбони, фластери, облека. Треба да кажеш каква трага е, со каков метод си ја добил и да го одредиш генотипот за сите. Во една трага може да има од еден, но и од четворица. Ако згрешиш во еден или во дел од тие примероци, за таа година немаш лиценца. Ние ја опфаќаме најголемата палета на анализи на ДНК-молекулот во регионот. За таа технологија, која излезе на пазарот во септември, ние аплициравме по два месеци и веќе е ставена како нормална, тековна работа во нашата лабораторија. Другите лаборатории, зборувам и за австриски, германски, сѐ уште работат на старите платформи.
Сега сме на врвот, но какви се плановите, како мислите да се развивате понатаму?
Јаќовски: Плановите се многу амбициозни. Сега почнува да се развива една нова ера во форензичката ДНК-анализа, односно со новите методи, кои сѐ уште се во експериментална фаза, може да се направи фоторобот од лицето за кое правиме анализа. Со досегашните методи, имаме трага, на пример, цигара, сламка, влакно, и кажуваме дали е машко или женско. Ако го немаме во база на податоци само го знаеме полот и чекаме да влета во базата ако направи некое кривично дело. Со новите методи можеме да кажеме и колку години има, каква боја на коса има, боја на очи, форма на уши, нос, уста. Добиваме цртеж од ликот врз основа на ДНК-анализа. Ако имаме кафена боја на очи, кажува дури и каква нијанса се очите. Прецизен метод со кој се придонесува за скратување на бројот на исчезнати лица и за лица што се гонат за некое кривично дело. Секако, секогаш се проблем парите. За ова од старт ни требаат 350.000 евра. Не е проблем да се работи, имаме тим, ни треба само опремата.
Сликата на народот за ДНК-анализа и за судска медицина се заснова на криминалистичките серии што ги гледаме. Колку реално, навистина, изгледа така вашата работа?
Јаќовски: Интересни се сериите, јас, исто така, ги гледам. Во реалноста, нормално, не е така. Тие серии почнуваат од некоја приказна и завршуваат со висока технологија. Тоа што народот го гледа е земање материјал, кој влегува во апарат, се стиска „ентер“ и излегува резултат. За да излезе тој резултат, анализата мора да помине низ неколку фази. Се зема материјал, се донесува одлука со кој метод ќе се обработи материјалот во зависност од тоа што го има како примерок. Кога има квалитетен биолошки материјал, се избира побрз метод, место да се користат подолготрајните и поскапи методи. Во никој случај не е стисни „ентер“ и излегува материјал, туку се работи за систем на работа каде што треба да се следат неколку протоколи, бара многу манипулации од човечка страна, многу потрошени реагенси, кои се, навистина, скапи.
Колку често, во случаи на исчезнати лица, роднините не прифаќаат дека одреден пронајден скелет припаѓа на нивниот член од семејството?
Јаќоски: Единствен таков случај досега е со масовната гробница во Непроштено. Телата сѐ уште се кај нас во Судска медицина. Де факто тоа се тие луѓе. Тие резултати се потврдени од меѓународните истражни органи. Недовербата не е во самите резултати, туку во институциите на системот. Се случува при приватни барања за утврдување на татковство, кога не му одговара резултатот на биолошкиот татко дека тоа дете е негово, да го оспорува тој наод. Тука нема човечки фактор, машини го работат тоа, ние не можеме да го измислиме тој мозаик од гените на мајката и на таткото. Може да се случи грешка и да исклучи некој биолошки татко, но не и да покаже дека е биолошки татко.
Се соочувате ли со разноразни притисоци од јавноста за несреќи и за убиства за кои се кренало прав?
Јаќовски: Ние како Институт за судска медицина и како професионалци сме изолирани од тие дневно-политички вести. Не дозволуваме некој да влијае на нашите резултати и на нашата работа. Фала богу, досега не се случило да имаме притисок од која било владејачка структура. Притисок од јавноста постои, во смисла на побрзо излегување со резултати… Ние се трудиме тие анализи да бидат завршени во најбрз временски рок. Тој притисок не може да влијае на нас затоа што работиме по одредени стандарди и протоколи, кои мора да ги следиме, затоа што нашите резултати утре одат на суд каде што ние мора да ги браниме тие докази.
Да се вратиме на најинтересната тема – утврдување на татковство. Кој најчесто бара утврдување на татковство?
Јаќовски: Таткото, нормално. Се случува да се јави свекор или свекрва што сакаат да го решат проблемот на младите. Главно се приватни барања и ние на Институтот имаме заземено став дека не можеме да извршиме форензички ДНК-анализа на татковство без знаење и присуство на мајката. Инсистираат да донесат коса, гуми за џвакање и слично, а кога ќе им кажеме дека не може, се откажуваат од анализа. Не е етички мајката да не знае каде е нејзиното дете и какви анализи се прават. Се случува и мајката да бара анализа, како на пример кога таткото е починат, па врз основа на материјали од родителите на починатиот бара да се утврди татковство заради остварување на некои семејни права. Се случило и неколку пати жена да дојде и да каже „сакам да знам дали овој човек е татко на моето дете за да знам како да си го насочам животот“.
Што кажуваат резултатите?
Јаќовски: Ако размислуваме логично, жена нема да се јави на вештачење доколку не е сигурна од кого е детето. Така што, главно, резултатите се позитивни дека потенцијалниот биолошки татко е татко. Се случува мајката да не е сигурна, па бара да кажеме од кого е. Се бара таква анализа и во текот на бременоста. Тогаш бараме писмена изјава дека и да не се потврди дека тоа дете не е на тој маж, нема да абортира. Реално, таква анализа може да се направи уште од 14-тата недела, кога се формира плодова вода.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)