Германците повторно, по трет пат, би сакале Ангела Меркел да биде канцелар, покажуваат денеска објавените резултати на анкетата на Институтот за истражување на јавното мислење „Форса“.
Дури 61 процент од Германците, доколку би можеле директно да избираат канцелар, би ја избрале Меркел на чело на владата во Берлин.
За вицеканцеларот Зигмар Габријел, лидерот на Социјалдемократската партија (СПД), би се одлучиле само 13 проценти од Германците.
СПД, коалицискиот партнер на Меркел, исто лошо минува кога е во прашање и политичката компетентност на партијата да владее и решава проблеми.
Околу 37 проценти од Германците сметаат дека Демохристијанската партија на Меркел е компетнтна за решавање на проблемите. Доколку утре се одржат избори во Германија, партијата на Меркел ќе освои 42 отсто од гласовите, покажува анкетата.
За разлика од демохристијаните, социјалдемократите на Габријел бележат пад на популарноста и доколку утре се одржат избори, партијата би добила само 23 проценти од гласовите.
Шефот на „Форса“, Манфред Гилнер, истакнува дека демохристијаните профитираат од популарноста на Меркел. Според резултатите од анкетата, опозициската Левица добила процент на популарност и доколку в недела се одржат избори, за нив би гласале девет отсто од Германците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.