Фернандо Вердаско повторно го изненади Рафаел Надал и ја забележи втората победа против трофејниот сонародник, по црната серија од 13 порази. Три години постариот Шпанец го доби дербито на Ки Бискејн во Мајами и го елиминира фаворитот за титулата Надал.
Елиминацијата во втората рунда на турнорот од мастерс-серијата 1000 е неуспех за Надал, а еден од најтрофејните светски тенисери се правдаше со нервозата и со недостигот на самодоверба. Надал има проблеми со повредите и сѐ почесто прави паузи од тениските терени.
– Не е во прашање квалитетот на мојата игра, туку недостигот од самодоверба и нервозните реакции во клучните моменти. Немам проблеми со физичката подготовка. Само треба да подобрам дел од психолошките елементи за да бидам оној стариот“, изјави Надал.
Вистинско чудо направи Томаш Бердих во дуелот со Бернард Томиќ. Чехот губеше со 0-4 во вториот сет откако првиот го загуби во тај-брејк, притоа спаси и две меч топки, па направи комплетен пресврт и победи со 6-7, 7-6, 6-1.
Во следната рунда ќе игра и Монако, кој го победи Гарсија Лопес со 2-0 во сетови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



