| четврток, 6 декември 2018 |

Ципрас изрази надеж дека преговорите ќе бидат успешно завршени за Грција

ципрас3

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изрази надеж дека преговорите со меѓународните кредитори ќе бидат успешно завршени за неговата земја.

– Убеден сум дека разговорите наскоро ќе бидат среќно завршени во оваа прва фаза од преговорите и дека ситуацијата ќе биде нормализирана – изјави Ципрас за неделникот „Риалњуз“.

Ципрас го изјави тоа откако гувернерот на Германската централна банка, Јенс Вајдман, во петокот изјави дека е против нови итни средства за Грција обвинувајќи ја владата во Атина дека ја изигрува довербата што ѝ е укажана.

– Постојат сили во Европа што имаат специјални интереси и кои сакаат прекин со Грција. Сепак, има и сили кои ќе надвладеат, кои настојуваат за постигнување компромис – изјави Ципрас повикувајќи дека одлуката не треба да ја донесат само економисти и технократи.

 Ципрас нагласи дека не може да замисли демократска Европа да избере пат со грчки излез од еврозоната.

Владата во Атина има рок до април да достави предлог-реформи до кредиторите за добивање зелено светло за својот план за четиригодишно економско заздравување.

Сепак, до постигнување на договорот Грција останува без пристап до средствата од пакетот помош од ЕУ и од ММФ во вредност од 240 милијарди евра. Грција овој месец мора да пронајде околу шест милијарди евра за отплата на рати од долгот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top