Авионот на „Ер Канада“, кој принудно слета на аеродромот „Халифакс“ поради снежната бура, се влечел 330 метри со трупот пред да запре надвор од пистата.
Дваесет и пет патници се хоспитализирани заради набљудување и лекување лесни повреди, соопшти авиокомпанијата.
Мајк Канингам, регионален менаџер на Управата за безбедност на сообраќајот на Канада изјави на прес-конференција дека авионот удрил повеќе антени и се лизгал 330 метри пред да запре.
Од Управата за безбедност на сообраќајот покажаа снинки на авионот, кој претрпел сериозни штети, предниот дел е оштетен, а еден од моторите бил смачкан под повреденото крило.
Според Канингам, при слетувањето, најверојатно, бил погоден и далновод, што доведе до привремен прекин на дотокот на струја за аеродромот.
Авиокомпанината соопшти дека 24 патници биле испишани од болница, а само еден останал на лекување.
– Сите ние во „Ер Канада“ сме мошне благодарни дека нема посериозни повреди во овој инцидент – изјави претставникот на компанијата, Клаус Горш.
Сто триесет и тројца патници и петмина членови на екипажот патувале на летот АЦ62 со „ербас 320“. Авионот полетал од Торонто доцна во саботата и слетал во услови на снежна бура вчера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.