Бизнис-делегација од Измир, Турција, предводена од македонскиот амбасадор Горан Тасковски, при неколкудневниот престој во Македонија, денеска го посети Ресен, каде што се сретна со кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоко Стрезовски.
Стрезовски ги презентираше планско-програмските заложби за економско заживување на Преспа, преку развивање на двете развојни индустриски зони и двете развојни туристички зони. Турските бизнисмени се заинтересирале за градба на откупно-дистрибутивниот центар во местото Макази, со чија изградба, како што потенцираше Стрезовски, не само што би се овозможило трајно решавање на проблемот со откупот на јаболката во Преспа, туку и би се оствариле нови работни места.
Турските бизнисмени биле заинтересирани и за инвестирање во развојните индустриски зони, но и во туризмот, културата и спортот. Паралелно со тоа, турските бизнисмени му дадоа поддршка на кандидатот Стрезовски, особено заради традиционално пријателските односи меѓу македонската и турската популација во Преспа и коалицирањето на Демократска партија на Турците со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Тие изразија подготвеност наредните месеци да дојдат во Ресен со поголем број заинтересирани бизнисмени од Турција кога и би се направиле првите проекции за идната соработка со новиот градоначалник и новиот состав на локалната самоуправа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.