Да почнам каде што застанав минатата недела. Да му одговорам на Ерол Ризаов, кој нема сеќавање за сопствената дружба со Зоран Верушевски. Не знам додуша што подразбира тој под запознавање со некого, ама има несоборлив доказ дека додека како главен уредник го потпишуваше „Утрински весник“ излезе текст во кој Верушевски порачува: „Ако не ми го оставите семејството на мир, ќе прозборам“,пишува новинарката Мирка Велиновска во колумната за „Нова Македонија“.
Велиновска потсетува дека „на 29 декември 2005 година „Утрински“ осамна со насловна страница со наслов „Верушевски најави хаос во државата““.
– И Ерол и неговите колеги убаво се сеќаваат дека разузнавачот изјави оти ќе прозбори ако не му ги остават на мир синот и семејството. Оти многу знаел. Потоа, на 17 јануари 2006 година следува напис „Верушевски побара заштита од Прчевски“, па потоа следува коментар на Борис Георгиевски, озаглавен како „Опасни закани на Верушевски“, а сето ова како реакција на објавувањето на „швајцарските сметки“ на Бранко Црвенковски и Хари Костов во тогашниот „Фокус“. Што се однесува до преостанатите негови инсинуации, дисквалификации, етикетирања и ставови, нема да влегувам во материјална расправа со Ризаов оти господинот, сериозно разјаден од сопствената егоманија, нема да разбере ни десеттинка од она што би му го кажала. За среќа, одамна имам разбрано дека живееме во паралелни светови. Сполај му на бога! На пример, за разлика од него, јас добро се сеќавам дека за случката со Верушевски имам пишувано во „Фокус“, во кој тогаш работев, значи, ова што го напишав минатиот петок не е првпат, но поради актуелниот пучистички скандал, сега предизвикува поголемо внимание. Ама затоа сега првпат добивам чист доказ дека Ризаов, кој неодамна јавно (бесрамно, се подразбира) го оплакуваше Никола Младенов како голем новинар и деец, никогаш во својот професионален живот не го есапеше повеќе од, да речеме, живиот Миленко денес. Се разбира, гледано од ракурс на човек што страда од хронична мегаломанија (демек, бил од беговско семејство, што во неговата потсвест му доаѓа нешто како сертификат за аристократ што на свој имот е принуден да живее со раја). Ерол не го есапеше „Фокус“ за сериозен новинарски производ, па не го ни земаше во раце, а камоли да го чита. Тој во она време не би облекол ни во лудило маица со порака „Слобода за Младенов“. Напротив! Тој отсекогаш се чита и слуша само себеси, и кога е пијан ко земја и кога е полубуден мамурлија. Да го читаше, ќе видеше зошто ме викнал Верушевски токму мене. И не ќе мавташе со тој „инкриминирачки доказ“ изведен преку инсинуација произведена во мозочето на злобна малограѓанска „профуќњача“ заглавена во ментален климактериум. Попрво, да имаше функционален мозок способен да мисли, ќе се прашаше зошто втор избор на Верушевски бил токму весникот во кој тој е лидер. Да не ги вовлекувам сега непотребно во расправава Црвенковски и Костов како заинтересирана страна во скандалот со „швајцарските сметки“, ама и со разузнавачот Верушевски. Сепак, во 2005 година „несериозниот“ „Фокус“ не дозволи да биде изманипулиран во полза на сензационализмот и политичкото подземје. Додека „сериозниот“ „Утрински“, ете, успешно соработуваше во пласирање уцена и уценувач на јавна сцена, а во предвечерието на изборите во 2006 година. И тоа е непобитен факт. Со Ерол толку засега. Оти не е само тој за стручна опсервација. Една по една почнаа да излегуваат на виделина сериозни психолошки состојби на фронтот во новинарската војна што избувна по „Пучот“, пишува Велиновска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.