| четврток, 6 декември 2018 |

Фадо-музика и бескрајни песочни плажи – Лисабон

Престолнината на Португалија најдобро ќе ја доживеете доколку се движите пеш. Одлично е чувството да шетате по раздвижените улици и ресторани од кои се шират мириси на традиционална храна и звуци од познатата фадо-музика

Главниот град на Португалија е сместен на бреговите на реката Тахо (на португалски Тежо) и на Атлантски Океан од другата страна. Распослан на седум ритчиња, овој португалски бисер е богат со историски и со културни знаменитости, а го карактеризира необична архитектура, пријатна клима и гостопримлив народ. Лисабон е модерна метропола, но и португалска ризница на различни култури и цивилизации, кои оставиле трага во минатото. Шармантен, со измешани остатоци од различни временски периоди, трамваи и средновековна населба, вреди да се посети и доживее.

 

Поекономично до португалската престолнина

Со оглед на далечината на Лисабон, авионскиот превоз е најдобра опција. Цените на билетите од Скопје до Лисабон не се премногу ниски, но вредат за вакво доживување. Цената се менува во зависност од тоа во кој период од годината ќе се решите да патувате, на кој датум или преку која авионска компанија, а претежно се движат од 350 евра, па нагоре, со платени аеродромски такси.

Исто така, на располагање имате многу туристички агенции што нудат аранжмани со вклучен авионски превоз, хотелско сместување и организирано разгледување со локален водич. И овие аранжмани имаат висока цена, најевтините се 530 евра, па нагоре, за едно лице. Затоа, веројатно подобра варијанта е да изберете авионски превоз и сопствен аранжман за посета и за престој во португалската престолнина. Ако вашиот избор е некој од аранжманите на туристичките агенции, тогаш не мора да се грижите за превоз од аеродромот до центарот на градот или местото каде што ќе бидете сместени бидејќи тоа влегува во понудата. Во спротивно, откако ќе слетате на лисабонскиот аеродром имате неколку опции за да пристигнете до градот.

Lisabon-2

Најисплатлив, секако, е јавниот превоз до аеродромот и од него. Најбрз и најевтин начин за да се превезете до центарот на градот е метрото. Билетите во еден правец чинат 1,90 евро, но може да си купите и целодневен билет (кој може да го користите за метро, автобус, трамвај или воз), а чини шест евра. Билетите за градски автобус чинат 3,15 евра, а можете да го употребите и целодневниот билет. Користењето такси или изнајмување автомобил ќе ве чинат повеќе, но постојат како опции.

Во Лисабон може да се најде добро сместување за прифатлива цена, особено во некој од хостелите, кои ќе ги најдете на интернет или преку туристичките агенции. Најевтините хостели ги нудат своите услуги од девет евра по лице, па нагоре, со добри услови.

За посеопфатно разгледува­ње на градот можете да ги искористите трамваите или туристичките автобуси што поминуваат покрај сите значајни знаменитости, а цените на турите се различни, во зависност од тоа што е вклучено во понудата. Најевтините се по цена од 12 евра. Освен нив, на располагање имате метро, автобуси, трамваи, кои функционираат до доцна во ноќта.

Дефинитивно, една од најголемите туристички атракции е жолтиот трамвај 28, кој патува од градскиот центар по ридот, поминувајќи низ многу улици, со што ви овозможува да го почувствувате лисабонскиот начин на живот, како и спектакуларниот поглед на градот и на реката Тахо.

 

Lisabon-3

 

Уживање со фадо-музика и романтично зајдисонце

Сепак, престолнината на Португалија најдобро ќе ја доживеете доколку се движите пеш. Одлично е чувството да шетате по раздвижените улици и ресторани од кои се шират мириси на традиционална храна и звуци од познатата фадо-музика.

Лисабон важи за едно од најголемите светски пристаништа, кое привлекувало различни цивилизации во минатото и токму затоа е чувар на светско наследство на споменици и на богатства во музеите. Во оваа европска метропола се наоѓаат бескрајни песочни плажи на кои може да го набљудувате прекрасното зајдисонце, а може да се пофали и со еден од најголемите аквариуми во Европа.

Lisabon-4

Тоа што не смеете да го пропуштите се кулата Белем, манастирот „Свети Јеронимо“, Паркот на нациите, како и преубавите плоштади Рестаурадорес и Росио, многубројните цркви и палати на богатите трговци. Квартот Алфама е најстар дел на Лисабон, над кој се издигнува тврдината „Свети Ѓорѓија“. И денес има изглед на средновековна касаба, со тесни улички во кои продавниците и таверните се измешани со куќи со посебен стил, во кој живеат морнари и рибари.

Лисабон има одличен ноќен живот и живи места, но и мирни и меланхолични за да се отпуштите со долги вечери или кафе-пауза. Во баровите и во рестораните може да ја слушате автентичната фадо-музика. Фадо (во превод значи „судбина“) е португалска народна музика, комбинација на медитерански и на арапски влијанија, тажна и носталгична, а се смета дека фадо-музичарот нема успешен настап ако не ѝ измами солзи на публиката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top